6 април — Поучување од куќа до куќа

Мараната — Господ доаѓа

Поучување од куќа до куќа

6 април

„Дека не пропуштив да ви соопштам ништо од она што е полезно и да ве поучувам на јавни места и по куќите,“ (Дела 20:20) {МАР 104.1}

„Потребно е членовите на црквата да се посветат повеќе на работа од куќа до куќа, давајќи библиски часови и делејќи книги. … И додека сееме покрај секоја вода, ќе сфатиме дека ’кој богато сее, богато и ќе жнее‘ (2. Коринтјаните 9:6). {МАР 104.2}

Оние кои себеси се нарекуваат Христови деца, мора да го следат Неговиот пример. Олеснувајте го животот на своите ближни и нивната благодарност ќе ги сруши оградите и на тој начин ќе допрете до нивните срца. …

И жените можат исто како и мажите да се посветат на делото на садење на вистината, таму каде што вистината може да делува и да биде манифестирана. … Тие во кругот на семејствата можат да вршат дело кое мажите не можат да го извршат; дело кое го допира внатрешниот живот. Тие можат да допрат до срцата на оние до кои мажите не можат да допрат. Нивната работа е потребна. Повлечените и понизни жени, можат да вршат добро дело, толкувајќи ја вистината на членовите на своето семејство. Божјото слово кое тие ќе го изложат, ќе делува како квасец и со своето влијание ќе обрати цели семејства. … {МАР 104.3}

Во семејниот круг, кај своите соседи, крај болничката постела секогаш можете тивко да го читате Светото писмо и да кажете некој збор за Исуса и вистината. На тој начин ќе го посеете драгоценото семе кое ќе из’рти и ќе донесе род, можеби по подолго време. … {МАР 104.4}

Во многу места кои ништо не ветуваат, сепак треба да се изврши мисионерско дело. Нашето срце и душа треба да бидат проникнати со мисионски дух, кој ќе нè поттикне да работиме за оние слоеви за кои не сме ни помислувале да работиме, на сосема нов начин и во нови места. Господ има Свој план за сеење на евангелското семе. Ако сееме во согласност со Неговата волја, на тој начин ќе го умножиме семето, така што Неговата Реч ќе допре до илјадници души …“ (Сведоштва за црквата, том 9, стр. 127–130) {МАР 104.5}

„Илјадници и илјадници, и десет илјади по десет илјади ангели чекаат да соработуваат со членовите на нашите цркви за ширење на вистината, за да се подготви народот за Христовото доаѓање.“ (Сведоштва за црквата, том 9, стр. 129) {МАР 104.6}

„Нашите сестри, младите, средовечните и оние во поодминати години, можат да учествуваат во завршното дело за ова време; работејќи така додека имаат можност, ќе стекнат искуство од најголема важност за нив самите. Заборавајќи на себе, ќе растат во благодатта.“ (Evangelism, стр. 468) {МАР 104.7}