29 април — Сигурен темел

Мараната — Господ доаѓа

Сигурен темел

29 април

„Но Божјата цврста основа стои непоколебливо, имајќи го овој печат: ’Ги познава Господ оние кои се Негови‘ и ’Да отстапи од неправда секој што го изговара името Господово!‘“ (2 Тимотеј 2:19) {МАР 127.1}

„Господ сака припадниците на Неговиот народ да бидат цврсти како челик и во верата постојани како гранитна карпа. Тие треба да бидат Негови сведоци во овој свет, Негови орудија преку кои Тој сака да заврши едно посебно, величествено дело во деновите на подготовка за Христовото доаѓање. … {МАР 127.2}

Проповедниците кои верно и сесрдно ја проповедале вистината можат да станат отпадници и да се придружат во редовите на непријателот; но дали поради тоа Божјата вистина станува лага? ’Но‘, вели апостолот, ’Божјата цврста основа стои непоколебливо‘. Верата и чувствата на луѓето можат да се променат, но Божјата вистина – никогаш. … {МАР 127.3}

Ние ја имаме вистината – тоа е толку сигурно како што е сигурно дека Бог постои; и сатаната со сите вештини и лукавства на својата пеколна сила, не е во состојба да ја претвори Божјата вистина во лага. Иако големиот противник со сите свои сили ќе настојува да го неутрализира влијанието на Божјата реч, вистината мора да се објавува и држи високо како запалена светилка. {МАР 127.4}

Господ нè издвоил од останатите и нè направил предмет на Својата чудесна милост. Треба ли да се занесуваме со бесмислените приказни на отпадниците? Зар ќе застанеме на страна на сатаната и неговите следбеници затоа што се толку многубројни? Треба ли да се придружиме на престапниците на Божјиот закон? Напротив, молитвата на секој од нас нека биде: ’Господе, стави непријателство помеѓу мене и змијата!‘ Ако не сме во постојано непријателство со сатаната и неговото мрачно делување, тој ќе нè привлече во својата силна прегратка, подготвен во секој момент да го зарие своето отровно осило во нашето срце; и затоа треба како на свој смртен непријател секогаш да му се спротивставиме во Христово име. Нашето дело сè уште треба да продолжи. … Сите кои се повикуваат на Христовото име треба да се вооружат со сето оружје на правдата. … {МАР 127.5}

Дојде време кога сами мораме да знаеме зошто сме ги прифатиле учењата на нашата вера. … Мораме себеси да си поставиме добар темел за времето кое доаѓа, за да можеме да се одржиме и да стекнеме вечен живот. Мораме да работиме, не во своја сила, туку во силата на нашиот распнат и воскреснат Господ. Што сме подготвени да направиме и да жртвуваме за Христа?“ (Сведоштва за црквата, том 4, стр. 594–597) {МАР 127.6}