30 април — Небото те чека

Мараната — Господ доаѓа
Небото те чека
30 април
„А Исус пак им рече: ’Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам.‘“ (Јован 20:21) {МАР 128.1}
„За апостолите е напишано: ’Тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ го поткрепуваше словото нивно со чуда, што се јавуваа‘ (Марко 16:20). Како некогаш што ги пратил своите ученици, така Христос и денеска ги праќа верниците на својата црква. Истата онаа сила што ја имале апостолите, ни стои на располагање и нам денеска. Ако и ние помош и сила бараме од Бога, Тој ќе работи со нас и во нас и нашиот труд нема да биде напразен. Секогаш да имаме на ум дека работата на која сме ѝ се посветиле е работа врз која Господ става свој печат. Бог му рекол на Еремија: ’Не вели: – млад сум; – зашто до сите до кои ќе те испратам ќе одиш и сѐ што ќе ти заповедам ќе кажеш. Не плаши се од нив; зашто Јас сум со тебе, за да те избавам‘. Тогаш Господ ја подал раката и ги допрел усните на својот слуга, велејќи: ’Ете, Јас ги ставив Моите зборови во устата твоја‘ (Еремија 1:7-9). Тој и нас нè повикува да станеме и да ги пренесуваме зборовите што ни ги дава Тој, чувствувајќи го неговиот свет допир на нашите усни. {МАР 128.2}
Христос на својата црква ѝ доверил света задача. Секој верник треба да претставува канал низ кој Бог Христовото свето и безмерно богатство на својата милост може да го излева врз овој свет. Повеќе од што било друго, Спасителот сака човечките орудија да бидат претставници кои пред овој свет ќе го откријат неговиот карактер и неговиот Дух. На светот ништо не му е толку потребно како објавувањето на љубовта на Спасителот преку човечките орудија. Цело небо со копнеж бара мажи и жени преку кои Бог ќе може да ја открие силата на христијанството. {МАР 128.3}
Црквата е Божјо застапништво за проповедање на вистината; таа лично од него е ополномоштена да изврши посебна задача; и ако остане предана и верна само кон него, покорувајќи им се на сите негови заповеди, во неа ќе се наоѓа сето изобилство и сета превозвишеност на божествената милост. Ако остане верна во својата приврзаничка послушност и преданост, почитувајќи го Израеловиот Господ Бог, нема да постои сила која би можела да ѝ се спротивстави. {МАР 128.4}
Ревноста за Бога и за неговото дело ги движела учениците со голема сила да сведочат за евангелието. Не треба ли иста таква ревност и нашето срце да го проникнува со решителност да зборуваме за историјата на таа љубов која спасува, за распнатиот Христос? Привилегија на секој христијанин е не само да го очекува, туку и да го забрза доаѓањето на Спасителот.“ (Делата на апостолите, стр. 599, 600) {МАР 128.5}
