15 април — Карактер што светот ќе го препознае

Мараната — Господ доаѓа
Карактер што светот ќе го препознае
15 април
„За да бидете прави и чисти, непорочни чеда Божји, сред изопачено и развратно поколение, во кое светите како светила во светот,“ (Филипјаните 2:15) {МАР 113.1}
„Божја намера е преку припадниците на Својот народ да му ги открие на светот начелата на Своето царство. За да можат да ги откријат овие начела во животот и карактерот, Тој сака да ги одвои од обичаите, навиките и постапките на овој свет. …
Гледајќи ги Божјата добрина, милост, правда и љубов откриени во Неговата црква, светот треба да стекне претстава за Неговиот карактер. И кога Божјиот закон ќе биде потврден со примерот и животот, дури и светот ќе признае дека оние што Му служат на Бога од љубов и стравопочит се понадмоќни од кој било друг народ на земјата. {МАР 113.2}
Адвентистите на седмиот ден, повеќе од сите други луѓе, треба да бидат пример за побожност, свети во срцето и во однесувањето. Ним им се доверени најсвечените вистини што некогаш им биле дадени на смртниците. Сите дарови на благодатта и силата потребни за успех во духовниот живот им се дадени во најголемо изобилство. Тие очекуваат Христос наскоро да се појави на небесните облаци. Ако пред светот оставаат впечаток дека верата не е силата што управува со нивниот живот, тие Го срамотат Бога. {МАР 113.3}
Бидејќи силата на сатанските искушенија постојано расте, времето во кое живееме е преполно со опасности за Божјите деца и ние треба постојано да учиме од Големиот Учител за секој чекор да го преземаме во праведност и сигурност. Пред нас се откриваат чудесни сцени. Во ова време животот на Божјиот народ треба да биде живо сведоштво за светот да види дека и во овој век, кога злото преовладува на сите страни, сè уште постои народ што се откажува од сопствената волја и желби во стремежот да ја извршува Божјата волја — народ во чие срце и живот е запишан Божјиот закон. … {МАР 113.4}
Нивните мисли треба да бидат чисти и свети, а со своите зборови треба да ги облагородуваат другите. Христовата вера треба да биде вткаена во сè што зборуваат и прават. Тие треба да бидат посветен, облагороден и свет народ, пренесувајќи им светлина на сите со кои доаѓаат во допир. Негова намера е тие, применувајќи ја вистината во својот секојдневен живот, да Му служат на слава на земјата. Христовата благодат е доволна за да се постигне тоа.“ (Counsels to Parents, Teachers, and Students, стр. 321, 322) {МАР 113.5}
