14 април — Претставници на Спасителот

Мараната — Господ доаѓа
Претставници на Спасителот
14 април
„Однесувајте се достојно меѓу незнабошците, па тие, кога ве напаѓаат како злотворци, штом ќе ги видат вашите добри дела, да Го прослават Бога во денот на посетата.“ (1 Петрово 2:12) {МАР 112.1}
„Бог очекува од оние што го носат Христовото име да бидат Негови претставници. … Тие треба да бидат посветен, облагороден и свет народ, пренесувајќи им светлина на сите со кои доаѓаат во допир. … {МАР 112.2}
Христовите следбеници треба да бидат одвоени од светот во поглед на начелата и интересите, но не смеат да се изолираат од светот. И самиот Спасител постојано се дружел со луѓето, но никогаш не ги охрабрувал за нешто што не било во согласност со Божјата волја, туку само за она што ги воздигнувало и ги правело подобри. ’И за нив јас се посветувам‘, изјавил Тој, ’та и тие да бидат осветени преку вистината‘ (Јован 17:19). Така и христијаните треба да живеат меѓу луѓето, за нивното влијание, како пријатниот вкус на божествената љубов, да биде како сол што го чува светот од расипаност. … {МАР 112.3}
Силата на повозвишен, почист и поблагороден живот е нашата најголема потреба. Луѓето од овој свет будно набљудуваат какви плодови носат во својот живот оние што тврдат дека се христијани. … Во мислите на сите со кои мораме да соработуваме постојано се создаваат поволни или неповолни впечатоци за библиската вера. {МАР 112.4}
Нè набљудуваат и Бог и ангелите. Бог сака Неговиот народ со својот живот да ја покаже предноста на христијанството над световноста, раководејќи се според повозвишени и посвети начела. Тој сака да покажат дека вистината што ја примиле ги направила деца на небесниот Цар. Копнее да ги направи канали преку кои ќе може да го излева врз светот изобилството на Својата љубов и благодат. {МАР 112.5}
Христос со длабок копнеж чека Тој Самиот да се покаже во Својата црква. Кога Христовиот карактер совршено ќе се одрази во припадниците на Неговиот народ, Тој ќе дојде по Своите.
Предност на секој христијанин е не само да го очекува доаѓањето на нашиот Господ, туку и да го забрза. Кога сите што го исповедаат Неговото име би донесувале плодови во Негова слава, колку бргу целиот свет би бил посеан со семето на Евангелието! Последната голема жетва брзо би созреала и Христос веќе би дошол.“ (Counsels to Parents, Teachers, and Students, стр. 322–324) {МАР 112.6}
