13 април — Во заедница со Христос

Мараната — Господ доаѓа
Во заедница со Христос
13 април
„Јас сум лозата, а вие прачките; и кој е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; зашто без Мене не можете да направите ништо.“ (Јован 15:5) {МАР 111.1}
„Крајот е близу! Бог ја повикува црквата да го доведе во ред она што сè уште преостанало. Божји соработници, Бог ве овластил и други да поведете со себе во царството. Вие треба да бидете живи Божји застапници, канали на светлина на светот, а насекаде околу вас се наоѓаат небесните ангели на кои Христос им дал должност да ве поткрепат, засилат и поддржуваат во вашата работа на спасување на душите. … {МАР 111.2}
Бидете одвоени и различни од овој свет — бидете во светот, но не од светот, отсјајувајте со светлите зраци на Сонцето на Праведноста, бидете чисти, свети и неизвалкани во верата, ширејќи ја светлината на патиштата и меѓу оградите на оваа земја. {МАР 111.3}
Црквите треба да се пробудат пред да биде вечно предоцна. Секој член треба да ја извршува својата работа и да го оправда Господовото име со кое се нарекол. Здравата вера и сесрдната побожност треба да го заземат местото на мрзливоста и неверството. Кога верата ќе се потпре на Христа, вистината ќе донесе благодат на душата и верските служби нема да бидат досадни и неинтересни. … Ако го спроведувате на дело христијанството кое го проповедате, секојдневно ќе стекнувате богато искуство. Грешниците ќе бидат обратени. … {МАР 111.4}
О, кога сите би се пробудиле и би покажале на светот дека нивната вера е жива вера, дека пред светот се поставуваат прашања од животно значење и дека Исус наскоро ќе дојде! Покажете им на луѓето дека ние навистина веруваме дека се наоѓаме на границите на вечниот свет. {МАР 111.5}
Изградбата на Божјото царство заостанува или напредува во склад со неверноста или верноста на човечките застапници. Делото заостанува и е попречувано поради недостаток на соработка помеѓу човечкото и божественото. Луѓето можат да се молат: ’да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата‘; но ако во животот не се спроведе на дело оваа молитва, нивните молби ќе бидат бесплодни.
Меѓутоа, иако можеби сте слаби, заблудени и грешни, Господ ви нуди да соработувате со Него. Тој ве повикува да примите божествени инструкции. Ако се обедините со Христа, можете да вршите Божји дела. ’без Мене‘, вели Христос, ’не можете да направите ништо‘.“ (Сведоштва за црквата, том 6, стр. 436–438) {МАР 111.6}
