12 април — Патеката кон животот

Мараната — Господ доаѓа
Патеката кон животот
12 април
„Влезете низ тесната врата; зашто широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина ги наоѓаат.“ (Матеј 7:13,14) {МАР 110.1}
„Христос нè повикува да одиме по тесната патека, на која секој чекор значи откажување од себе. Нè повикува да застанеме на страната на вечната вистина и да се бориме, да, сериозно да се бориме за верата што еднаш им била предадена на светиите. … {МАР 110.2}
Како што се приближуваме кон времето кога поглаварствата, властите и духовното зло на највисоките места целосно ќе се вклучат во борбата против вистината, кога измамничката сила на сатаната ќе биде толку голема што ќе се обиде, ако е можно, да ги измами и избраните, нашето расудување мора да биде изострено со божествено просветлување за да не бидеме во незнаење за орудијата на сатаната. … Давајќи ни ја помошта на светите ангели, Бог овозможил нашето дело да постигне … величествен успех. Но распарчените напори ретко водат кон успех. Потребно е сите членови на црквата да се обединат во заедничко дејствување. {МАР 110.3}
На црквата денес ѝ се потребни луѓе кои, како Енох, одат со Бога и му Го откриваат Христос на светот. Членовите на црквата треба да достигнат повисоко ниво. Небесните гласници сакаат да општат со оние чие ’јас‘ не е на прво место, кои во својот живот ги исполниле зборовите: ’и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и Себе се предаде за мене‘. Црквата мора да има такви мажи и жени пред нејзината светлина да може да го осветли светот со чисти, јасни зраци. Нашиот поглед кон Сонцето на Праведноста е затскриен со облаци затоа што сме свртени кон себе. Мнозина повторно Го распнуваат Христос кога, угодувајќи си себеси, му дозволуваат на сатаната да завладее над нив. … {МАР 110.4}
Божја намера е сите да бидат испитани и проверени за Тој да види дали се верни на законите што владеат во небесното царство. Бог до последниот миг му дозволува на сатаната да се открие како лажливец, клеветник и убиец. Поради тоа конечната победа на Неговиот народ ќе биде уште позначајна, пославна и поцелосна.“ (Review and Herald, 4 декември 1900) {МАР 110.5}
