11 април — Живеј за да ги спасиш другите

Мараната — Господ доаѓа

Живеј за да ги спасиш другите

11 април

„А на сите им зборуваше: ’Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе самиот, нека го земе крстот свој и секој ден нека Ме следи!‘“ (Лука 9:23) {МАР 109.1}

„Гревот во кој најмногу се запаѓа, кој нè одвојува од Бога и нè доведува до вистинска зараза од духовни нарушувања, е себичноста. Никој не може да се врати кај Бога ако не се откаже од себеси. Ние тука не можеме ништо да постигнеме сами; но ако Бог ни подари сила, ќе можеме да живееме за добро на другите и така ќе се спасиме да не западнеме во гревот на себичноста. Не е потребно да одиме во незнабожечки земји за да покажеме колку сакаме да се посветиме на Бога и да живееме корисен, несебичен живот. Треба тоа да го правиме во својот домашен круг, во црквата, меѓу оние со кои се дружиме и со кои работиме. Токму преку своите секојдневни постапки треба да се откажеме од своето ’јас‘ и да го држиме во потчинетост. Павле можел да рече: ’Секој ден умирам‘. Тоа секојдневно умирање на нашето ’јас‘ во ситните работи нè прави победници. Треба да забораваме на себе во желбата да направиме добро на другите. Многу луѓе ја немаат оваа љубов кон ближните. Наместо совесно да ја вршат својата должност, тие гледаат како за себе да стекнат што повеќе задоволства. {МАР 109.2} {МАР 109.3}

Бог јасно им наложува на Своите следбеници да бидат од корист на другите со своето влијание и средства, а од Него да бараат мудрост која ќе ги оспособи да направат сè што е во нивна моќ за да ги воздигнат мислите и чувствата на оние со кои доаѓаат во допир. Правејќи добро на другите, ќе почувствуваме длабоко внатрешно задоволство и спокојство што ќе ни биде доволна награда. Во тоа свое настојување да чиниме добро на другите, ќе најдеме вистинска среќа која извира од совесното исполнување на многубројните должности кои пред нас ги поставува животот. Ова ќе ни донесе и нешто повеќе од земска награда, бидејќи ангелите го бележат секое несебично исполнување на должноста кое свети во записот на нашиот живот. На небото никој нема да мисли на себе ниту да копнее по свое задоволство, туку во чиста вистинска љубов, ќе ја бара среќата на небесните битија што ќе нè опкружуваат. Ако сакаме да бидеме во друштво на небесните суштества на обновената земја, мораме уште овде да се управуваме според небесните начела.“ (Сведоштва за црквата, том 2, стр. 132, 133) {МАР 109.4} {МАР 109.5}

„Најголемо дело кое може да се изврши во овој свет е да се прослави Бог живеејќи го Христовиот карактер во сопствениот живот.“ (Сведоштва за црквата, том 6, стр. 439) {МАР 109.6}