10 април — Време е за одлука!

Мараната — Господ доаѓа
Време е за одлука!
10 април
„Ако, пак, не ви е мило да Му служите на Господ, одберете си сега, кому да му служите: на боговите ли, на кои им служеа предците ваши, кога беа од онаа страна на Реката, или на боговите на Аморејците, во чија земја живеете, а, пак, јас и домот мој ќе му служиме на Господ, (бидејќи Тој е свет).“ (Исус Навин 24:15) {МАР 108.1}
„Светот денес е зафатен од лудило: кај мажите и жените владее безумност што забрзано ги води кон вечна пропаст. Преовладува секаков вид попуштање, а луѓето станале толку заслепени од гревот што не сакаат да слушаат ниту предупредувања ниту молби. {МАР 108.2}
Господ им порачува на жителите на земјата: ’одберете си сега, кому да му служите‘. Сега секој решава за својата вечна судбина. Луѓето мораат да се разбудат и да ја сфатат сериозноста на времето и близината на денот кога времето на милоста за луѓето ќе заврши. Бог никому не му дава порака дека до крајот на историјата на оваа земја остануваат пет, десет или дваесет години. Тој нема да оправда ничие одложување на подготовката. Не сака никој да каже, како што сторил неверниот слуга: ’Господарот мој уште за долго време нема да дојде‘, зашто тоа води кон непромислено отфрлање на можностите и предимствата што ни се дадени за да се подготвиме за тој голем ден. Секој што тврди дека е Божји слуга е повикан да ја извршува Неговата служба како секој ден да е последен. … {МАР 108.3}
Објавувајте го скорото доаѓање на Синот Човечки на небесните облаци со сила и голема слава. Не одложувајте го тој ден за подоцна. … {МАР 108.4}
Тука се наоѓа големото бреме што секој треба да го понесе. Дали ми се простени гревовите? Дали Христос, Кој ги носи бремињата, ја отстранил мојата вина? Имам ли чисто срце, исчистено со праведноста на Исус Христос? Тешко на душата што не бара прибежиште во Христос. Несреќни се оние што на кој било начин ќе го одвратат својот ум од делото и ќе поттикнат која било душа да биде помалку претпазлива. … {МАР 108.5}
Големото дело од кое умот не смее да се одврати е размислувањето за нашата лична положба пред Бога. Дали нашите нозе стојат на Живата Карпа? Дали се криеме во нашето единствено Прибежиште? Доаѓа бурата, немилосрдна во својата јарост. Дали сме подготвени да се соочиме со неа? Дали сме едно со Христос како што Тој е едно со Отецот? Дали сме Божји наследници и сонаследници со Христос? … {МАР 108.6}
Христовиот карактер треба да стане и наш. Треба да бидеме преобразени преку обновувањето на нашите срца. Во тоа е нашата единствена сигурност. Ништо не може да го одвои живиот христијанин од Бога.“ (Review and Herald, 27 ноември 1900) {МАР 108.7}
