Чистотата на телото ја потпомага чистотата на мислите и срцето

Христијанска умереност — Чистотата на телото ја потпомага чистотата на мислите и срцето

Христијанска умереност

Чистотата на телото ја потпомага чистотата на мислите и срцето

Сподели го ова:

„Зошто се грижите и за облеката?” „Зар не чини душата повеќе од храната, и телото – од облеклото?” (Матеј 6:28,25). {ХУ 141.1}

Своето време и силата мајката не треба да ги троши на непотребно украсување на детската облека; таа тоа навистина и нема да може да го прави ако има вистинско чувство на одговорност кон Бога. Украсувањето и особеното замислување на облеката не е неопходно; времето така поминато е и премногу скапоцено и треба да му се посвети на во обликувањето на карактерот, развивањето на умот и всадувањето на вистинските принципи во душата – поучување на децата на чистота, невиност и вистинољубивост. {ХУ 141.2}

Храната треба да биде едноставна така што мајката нема да мора сето време да го поминува во готвење и подготвување на јадењето. Навистина, треба да се грижиме масата да биде снабдена со здрава храна, подготвена вкусно и привлечно. Немојте да мислите дека сето она што без многу мака околу подготвувањето можете да го изнесете на маса е добро за вашите деца. Меѓутоа, помалку време треба да се пропушти во подготвувањето на нездрави јадења и угодување на подготвувањето на нездрави јадења и угодување на изопачениот вкус, а повеќе време и труд да им се посвети на воспитувањето и поучувањето на децата. Силата која сега беспотребно ја трошите грижејќи се само „што ќе јадете и пиете и во што ќе се облечете”, употребете ја повеќе во настојување своите деца да ги држите чисти и уредно облечени. Немојте погрешно да ме разберете околу ова. Не велам дека морате да ги држите затворени дома, како кукли. Во чистиот песок и сувата земја нема ништо валкано; она што нив ги валка се наоѓа во потта и испарувањата од нивните тела и затоа телото мора да се мие, а облеката да се менува. {ХУ 141.3}

Честото капење е многу корисно, особено навечер пред самото спиење, или наутро штом ќе се стане. Децата треба да се капат само неколку минути, а потоа да се тријат сѐ додека кожата не им поцрвени. Со тоа се доведува крвта во површинските делови од телото, а мозокот се ослободува и се намалува склоноста кон попуштање на нечисти навики. Учете ги децата дека на Бога не Му е по волја кога ќе ги види валкани, неуредни и со искината облека, туку дека сака тие да бидат чисти и однадвор и од внатре, за Тој да може да престојува во нив. {ХУ 141.4}

Одржувањето на облеката чиста и уредна претставува еден од начините мислите да се задржат на она што е чисто и пријатно. Секој дел од облеката треба да биде едноставен, без непотребни украси, па перењето и пеглањето нема да бара многу труд. Особено долната облека, бидејќи таа доаѓа во директен допир со кожата, треба да се одржува чиста и слободна од сите непријатни мириси. Ништо што би надразнувало на било кој начин не треба да доаѓа во допир со детското тело, ниту треба да се дозволи облеката да им биде премногу припиена и да ги стега. Кога на ова би му се посветило поголемо внимание, 6и имало далеку помалку препуштања на нечисти навики. {ХУ 142.1}

Детските постели често ги наоѓаме во таква состојба што од нив се шири неподносливо одвратна и отровна реа. Сето она што го задржува погледот на децата и што на некој начин доаѓа во допир со нивното тело, било дење или ноќе, треба да биде чисто и здраво. Тоа на нив ќе делува воспитно да ја засакаат чистотата на телото и душата. {ХУ 142.2}

Спалната соба на вашите деца, без оглед колку и да е сиромашна со скап мебел, нека биде чиста и уредна. Почнете вашите малечки уште од најраното детство да ги навикнувате да внимаваат на својата облека. Нека имаат посебно место за своите работи и секој предмет треба да го ставаат на неговото место. Ако не сте во можност да купите ни најевтин регал, земете обичен сандак за амбалажа, ставете во него соодветни прегради, а потоа сѐ и однадвор и од внатре обложете со убаво декорирано платно со пријатна боја. Настојувањето вашите деца да ги навикнете на чистота и уредност, ќе ви одзема малку време секој ден, но тоа ќе биде наградено во нивната иднина и конечно, ќе ви заштеди многу време и грижа. {ХУ 142.3}

Ако родителите сакаат децата да им бидат со чисто срце и мисли, мораат да настојуваат тие да се дружат со такво друштво кое Господ може да го одобри. Домот мора да се одржува чист и уреден. Валканите и запоставени ќошиња по куќата наведуваат кон склоност да се најдат такви валкани ќошиња и во душата. Мајки, вие сте воспитувачи на вашите деца и можете да сторите многу, ако со одржувањето на хигиената во нивната соба на вкусен и привлечен начин, почнете од самото детство во умот и душата да им влевате чисти и благородни мисли. Ако децата имаат соба која ја сметаат за нивна и ако се научени да ја одржуваат уредна и да ја направат пријатна, тие – сметајќи се за сопственици – ќе чувствуваат дека во домот имаат свој дом и ќе наоѓаат задоволство тоа катче да го направат удобно и вкусно. Мајката ќе треба само да ја надгледува нивната работа и да дава предлози и упатства. Тоа е задачата на мајката и таа не смее да дозволи било што да застане помеѓу неа и нејзините деца. {ХУ 142.4}

Кога ќе дојдат посетители, што често се случува, домаќинката не треба сето свое време да им го посвети ним; телесното и духовното добро на нејзините деца треба да биде на прво место. Не треба да се губи време во подготвување на разни слатки, паштети и нездрави јадења. Тоа се вонредни издатоци и мнозина не се во состојба да си ги допуштат. Меѓутоа, лошиот пример кој со тоа се покажува претставува далеку поголемо зло отколку што се материјалните издатоци. Треба да се чува едноставноста на семејството. Немојте да се трудите да оставите впечаток дека, наводно, живеете на начин кој, всушност, ги надминува вашите финансиски можности. Немојте ни во подготвувањето на јадењата ни во начинот на однесување да се обидувате да се прикажете онакви какви што не сте. Иако со посетителите треба да постапувате љубезно и да им овозможите да се чувствуваат како дома, секогаш треба да имате на ум дека сте учители на вашите малечки кои Бог ви ги дал. Тие набљудуваат се што вие правите, и немојте со вашите постапки да ги насочите нивните нозе на погрешен пат. Бидете кон вашите посетители онакви какви што треба секој ден да бидете кон вашето семејство – пријатни, обѕирни и учтиви. На овој начин секоја домаќинка може да биде и воспитувач, давајќи им на другите добар пример и сведочејќи дека постои нешто поважно од грижата „што ќе јадеме и пиеме и во што ќе се облечеме”. {ХУ 143.1}

Мајките исто така треба да бидат облечени уредно и едноставно. Со тоа ќе го сочуваат своето достоинство и влијанието. Дозволувајќи си, додека е дома, да се облекува неуредно, таа ги учи своите деца да го следат нејзиниот пример. Многу мајки сметаат дека каква и да е облеката е доволно добра за да се носи по дома и секогаш се неуредно облечени. Но тие набргу го губат своето влијание и угледот во семејството. Децата ја споредуваат облеката на нивната мајка со облеката на другите жени кои се облекуваат прикладно и нивното почитување кон неа слабее. Мајки, трудете се својот изглед да го направите колку е можно попривлечен, не со дотерување какво диктира последната мода, туку со носење на чиста и уредна облека каква што ви доликува. Со тоа на вашите деца ќе им давате постојана поука за прикладноста и чистотата. Највисоката вредност на секоја мајка треба да се огледува во љубовта и почитувањето на нејзините деца кон неа. Со својата појава и изглед таа во се треба да им дава на своите деца поука за чистота и уредност и нивните мисли да ги поврзува со чистотата на душата и срцето. Дури и кај сосема малите деца постои чувство и свест за прикладност; и како тие можат да се воодушеват со желбата за светост и чистота на мислите кога секојдневно пред очите им е немарно облекување и неуредна личност? Како небесните ангели, чии дом е таму каде е чисто и свето, можат да се повикуваат во вакво престојувалиште? {ХУ 143.2}

Во Речта Божја читаме: „Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ви е даден од Бога и дека не припаѓате само на себеси? Скапо сте купени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји” (1. Коринтјаните 6:19,20). {ХУ 144.1}

Родителите се должни пред Бога својата околина да ја направат таква што ќе и одговара на вистината која тие ја исповедаат. Тогаш ќе бидат во состојба на нивните деца да им дадат правилни поуки, а децата ќе научат домот кој тука го имаат да го поврзуваат со горниот дом на неминливиот свет. Семејството тука мора, колку е можно повеќе, да претставува пример на небесното семејство. Тогаш искушенијата да му се попушта на она што го унижува карактерот ќе загубат многу од нивната сила. Децата треба да се учат дека се тука само на испит и проверка, и со правилно воспитување да се подготвуваат да станат жители на дворовите што Христос ги подготвува за сите оние кои Го љубат и ги држат неговите заповеди. Тоа е највозвишената должност што родителите треба да ја исполнат. {ХУ 144.2}

Родителите треба во особена смисла да се сметаат за Божји застапници и, како што тоа го правел Авраам, да ги поучуваат своите деца да се придржуваат до Господовиот пат. Тие треба вредно да ги проучуваат Светите Списи, за да можат да знаат кој е патот Господов и како би можеле да ги упатат по него членовите насвоето семејство. Пророкот Михеј вели: „… што бара од тебе Господ; да работиш правично, да сакаш милосрдни дела и смирено да врвиш пред твојот Бог” (Михеј 6:8). За да можат да бидат учители, родителите прво мораат да бидат ученици, постојано собирајќи светлина од Речта Божја и внесувајќи ги, со поука и пример, тие скапоцени зраци во воспитувањето на своите деца. Учете ги во јадењето, пиењето и облекувањето секогаш да се раководат според принципите. Упатувајте ги од најраното детство дека Господовиот Закон е правило на домот, дека кон тоа правило мораат да се придржуваат во сите поединости на животот и дека кршењето на моралниот закон ќе постои сѐ додека намерно се престапуваат законите на природата. {ХУ 145.1} Христијанскиот живот е живот на постојано самооткажување и самоконтрола. Тие поуки децата треба да ги примаат и учат од најраното детство. Учете ги дека умереноста и чистотата на мислите, срцето и постапките мораат да станат нивни навики; дека они Му припаѓаат на Бога бидејќи се купени по висока цена – со драгоцената крв на Неговиот љубен Син. {ХУ 145.2}

Сподели го ова:

Поврзани статии