4. СИЛА И БЛАГОСЛОВ
Среда, 21 октомври 2026
а. Пребивајќи во Христос, до која мера можеме да бидеме преобразени и зајакнати? Јован 15:5; Филипјаните 4:13.
„Сега не смееме да имаме слаба вера; не можеме да бидеме сигурни ако сме рамнодушни, пасивни и мрзливи. Треба да ја употребиме секоја способност што ни е дадена и да се впуштиме во сериозно, смирено и длабоко размислување. Во ова време, мудроста на ниту еден човек не е доволна за осмислување и спроведување на плановите. Секој свој план изнесете го пред Бога со пост и со понизност на душата пред Господ Исус, и доверете Му го својот пат на Господа. Имаме сигурно ветување дека Тој ќе ги управува нашите патеки. Неговите извори се неограничени. Светецот Израелов, Оној што ја повикува небесната војска по име и ги одржува ѕвездите на нивните места, се грижи за секој од нас поединечно.“
Извор: Selected Messages, bk. 2, p. 364.
„Оние кои немаат доверба во себе, кои недостигот на самодоверба ги наведува да одбегнуваат грижи и одговорности, треба да бидат поучени да се потпрат на Бога. Така мнозина од оние кои инаку би биле само бројка во светот, можеби само беспомошно бреме за другите, ќе бидат способни заедно со Павле да речат: ’Сѐ можам преку Христос Кој ми дава сила’ (Филипјаните 4:13)“.
Извор: Воспитување, 256.
„Во сите времиња кога црквата се одрекувала од своите гревови и кога верно одела во вистината, таа била почитувана од Бога. Во верата на понизност и послушност се наоѓа сила на која светот не може да се спротивстави. Намера на Божјото провидение во поглед на Неговиот народ е тој да напредува – да напредува непрестано во усовршување на христијанскиот карактер, на патот на светлината, издигајќи се сѐ повисоко и повисоко во јасната светлина и знаењето и Божјата љубов сѐ до свршетокот на времето.“
Извор: 5. Сведоштво, 484.
„Какви и да се нашите грешки и неуспеси во минатото, ние, со Божја помош, можеме да се издигнеме над нив.“
Извор: Здравје и среќа, 516.
б. Објаснете ја големата вредност на обѕирната дарежливост. Филипјаните 4:14-19.
„Оној кој му го посветил својот живот на Бога за да им служи на Неговите деца е поврзан со Оној кој управува со сите богатства на вселената. Неговиот живот со златен ланец на непроменливи ветувања се поврзува со Божјиот живот, и Господ нема да го напушти во мигот на страдање и потреба… И во часови на крајна потреба, милостивите ќе најдат засолниште во милоста на сочувствителниот Спасител и ќе бидат примени во вечните живеалишта.“
Извор: Мисли од Гората на блаженствата, 24.
