2. ПРОМЕНА НА СТАВОТ
Понеделник, 5 октомври 2026
а. Каков повик им е упатен на сите христијански верници – и зошто? Филипјаните 2:3.
„Суетата и славољубието претставуваат карпи на кои многу души претрпеле бродолом и многу цркви станале немоќни. Луѓето што најмалку знаат за побожноста, кои најмалку се поврзани со Бога се на исто рамниште со луѓето кои најмногу копнеат за високи положби. Тие не ја увидуваат својата слабост и своите карактерни мани.“
Извор: 5. Сведоштво, 174.
„Луѓе со разни темпераменти и несовршени карактери ги забележуваат грешките на другите, но не ги согледуваат сопствените… Кај луѓето обично постои себичност и славољубие кои го спречуваат Божјото дело. Не смее да се внимава на личните интереси.“
Извор: 5. Сведоштво, 419.
„Срцето кое е во хармонија со Бога е издигнато над незгодите и искушенијата во овој живот. Но срцето во кое нема Христов мир е несреќно и исполнето со незадоволство; таквото лице во сѐ наоѓа недостатоци и би внело несклад и во најсовршената хармонија на небото. Животот на себичност е живот на зло. Оние чиишто срца се исполнети со љубов кон самите себе натрупуваат зли мисли против своите браќа и зборуваат против Божјите орудија. Страстите, запалени и поттикнати од сатаната, се горчливи извори од кои извира горчина која го труе животот на другите… Секој што тврди дека е следбеник на Христос секогаш треба другите да ги цени повеќе од себе. Приближете се едни кон други, приближете се! Во единството е силата и победата; во неслогата и раздорот се слабоста и поразот.“
Извор: 5. Сведоштво, 488.
б. Објаснете во што се состои тајната на вистинскиот успех. Филипјаните 2:4.
„Ако нашиот живот е исполнет со свет мирис, ако го славиме Бога негувајќи добри мисли за другите, правејќи добри дела и служејќи им на ближните, тогаш не е важно дали живееме во скромна колиба или во палата. Околностите немаат пресудно влијание врз животот на душата. Духот што го негуваме им дава смисла на сите наши постапки. Човекот што е во мир со Бога и со своите ближни не може да биде несреќен. Зависта не може да престојува во неговото срце; во него нема место за зли сомнежи, ниту омразата може да се задржи. Срцето што е во хармонија со Бога е издигнато над неволјите и искушенијата на овој живот.“
Извор: 5. Сведоштво, 488.
„Успехот ќе се зголемува сразмерно со нивната несебична дарежливост, додека од своето изобилство им помагаат на установите што се борат за опстанок. Нашите напредни установи треба да им помогнат на оние за кои Бог рекол дека треба да живеат и да напредуваат, а кои сè уште се борат за својот опстанок. Меѓу нас има многу малку вистинска, несебична љубов.“
Извор: 8. Сведоштво, 137.
