3. ДА ЈА ПОГЛЕДНЕМЕ ПОШИРОКАТА СЛИКА
Вторник, 29 септември 2026
а. Опишете како Бог често ги користи прогонствата и тешкотиите за да ја прошири Својата прекрасна вест за љубовта и благодатта. Филипјаните 1:12-14.
„Не можело да се очекува Павле — сиромашен затвореник без пријатели и роднини – да го привлече вниманието на богатите и повластените класи меѓу римските граѓани. Порокот за нив имал блескотна привлечност и тие биле негови доброволни робови. Но меѓу изморените, осиромашени и угнетени жртви, па дури и меѓу бедните робови, имало многу такви кои со радост ги слушале Павловите зборови и во Христовата вера наоѓале утеха, надеж и мир кои ги бодреле за време на тешката судбина на нивниот живот. Меѓутоа, иако апостолот својата работа ја почнал со едноставни и понизни луѓе, неговото влијание се ширело сè додека не го досегнало дури и дворот на императорот.“
Извор: Делата на апостолите, 461.
„Божјата милост го крепела Павле во неговото заточеништво, овозможувајќи му да се радува во својата неволја. Тој со вера и со осведоченост им пишувал на своите браќа во Филипи дека неговото заточение послужило за ширење на евангелието… Во ова Павлово искуство се крие поука за нас, зашто во него се открива начинот на кој работи Бог. Господ може да го претвори во победа и она што нам понекогаш ни изгледа како целосен неуспех и пораз. Ние сме во опасност да го заборавиме Бога и внимание му обрнуваме само на она што се гледа, наместо со очите на верата да го гледаме невидливото. Кога ќе наидат неволји и несреќи, веднаш сме подготвени да Го обвиниме Бога дека нè занемарува или дека е суров. Ако Тој смета дека е добро извесно време да ја ограничи нашата делотворност, ние се плачеме, не помислувајќи ниту за миг дека Бог тоа го прави можеби токму за наше добро. Мораме да сфатиме дека и карањето претставува дел на неговиот голем план и дека христијанинот понекогаш под прачката на страдањата и болката може за својот Господ да стори повеќе отколку кога се наоѓа во активна служба.“
Извор: Делата на апостолите, 480, 481.
б. Ако паднеме во искушение да се обесхрабриме поради необичните начини на кои може да се посее семето на вистината, на што треба да се сетиме? Филипјаните 1:15-18.
„Напорите на сатаната да го уништи ’нераспадливото живо и вечно Божјо слово’ (1 Петрово 1:23) всушност придонесуваат тоа да допре до човечките срца. Преку срамотењето и прогонството на Божјите деца, Христовото име се возвеличува, а душите се спасуваат. Голема награда на небото ги очекува сите оние кои во прогонствата и понижувањата сведочат за Христос.“
Извор: Мисли од Гората на блаженствата, 34.
