Надеж за оние што се наоѓаат во искушение

Христијанска умереност — Надеж за оние што се наоѓаат во искушение

Христијанска умереност

Надеж за оние што се наоѓаат во искушение

Сподели го ова:

За да достигнеме совршенство на карактерот, мораме да ги разбереме вредноста и значењето што Христос му ги придавал на човечкиот род. Човекот во почетокот бил надарен со совршенство, но поради попуштање на апетитот паднал од таа висока положба. Меѓутоа, иако со тоа помеѓу човекот и Бога настанал огромен понор, Христос го љубел безнадежниот грешник и се спуштил на овој свет за да ја премости таа бездна и да ја обедини божествената сила со човечката слабост, за во неговата сила и милост човекот да може да се фати во борба со искушенијата на сатаната, да се совлада себеси и повторно да застане во својата од Бога дадена машкост како победник над изопачените желби и унижувачки страсти. Последните зборови на Давид упатени на Соломон кој како млад човек бил почестен да седне на престолот на Израилот биле: „биди храбар и човек” (1. Царевите 2:2). На слабиот и на оној кој се наоѓа во искушение јас им ги упатувам истите зборови: „Биди човек”. Ти укажувам на крстот подигнат на Голгота. Те повикувам во името Христово: Погледни и живеј. Со Божјата помош и со Неговиот благослов можеш да се издигнеш над желбите за јадење и унижувачките страсти. {ХУ 146.1}

Бог човекот го направил способен постојано да напредува во се она што го сочинува умното и моралното достоинство. Ниедно друго суштество излезено од Неговата рака не е надарено со таква можност. Човекот може да ја достигне примерноста да владее со себе и достоинствено да се издигне над робувањето на желбите и страстите, тоа му овозможува да опстане пред Бога како човек чие име е запишано во небесните книги. {ХУ 146.2}

Светлината на вистината нека го просветли умот на човекот, Божјата љубов нека го исполни неговото срце; и ние одвај ќе можеме да разбереме што тој може да стане или што Бог може да направи преку него. Иако е паднат син на Адам, тој може, благодарение на Христовите заслуги, да стане наследник на бесмртноста, неговите мисли можат да станат возвишени и облагородени, срцето чисто, а разговорот насочен кон она што е небесно. Да размислуваме, о, да размислуваме за тоа колку е голема предноста и колку е повозвишено да се биде просветен христијанин отколку да се биде поборник на гревот! Да ја забележиме разликата помеѓу човек заслепен од гревот, кој како жртва на злите страсти потполно потонал во порокот, и човекот кој со вистината на Божјата Реч се вратил на подобар пат, се угледал на Исус, се облагородил со вера во Него и станал учесник во божествената природа. {ХУ 146.3}

Погледнете во каква состојба се наоѓаат луѓето кои и се препуштаат на неумереноста. Ситничарењето и склоноста кон она што е земско и што унижува претставуваат постојано обележје на нивниот карактер. Тоа се последиците од нивните лоши постапки. Тие одат каде што ги води срцето и каде што им гледаат очите, „поради тоа тие ќе јадат од плодовите на своите патишта…” (Изреки 1:31). Својот несреќен дом тие самите го претвораат во пекол. „…Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее” (Галатјаните 6:7). Зарем таквите луѓе да ве привлекуваат? Зарем да потонете во незнаење и изопаченост и да станете така зашеметени како нив? Треба ли навиките и постапките на тие унижени суштества на кои одвај се забележува трага од моралниот Божји лик, да бидат ваш пример? Зарем сликата на нивната бедна состојба на изопаченост не е доволно предупредување да се чувате од првиот чекор во таа насока? Сакате ли заедно со таквите да бидете исклучени од небото? {ХУ 147.1}

На секој што сака да стане победник, сакам да му кажам: Бог ти дава сигурна надеж врз основа на која можеш да полагаш право на вечен живот. Не ја пропуштај можноста да станеш човек. Кога, согледувајќи ја силата на искушението, ќе погледнеш во себе, ќе се почувствуваш толку слаб во морален поглед што ќе помислиш: „не можам да се спротивставам”. Меѓутоа, ти можеш да се спротивставиш и мораш да му се спротивставиш на искушението, те уверувам. Иако можеби си бил совладан, иако можеби морална изопаченост го одбележувала твојот досегашен пат, тоа не мора секогаш да биде така. Христос ќе ти помогне. Со негова сила можеш да ја совладаш измамничката моќ на апетитот. Повика) ја на помош и сета сила на твојата волја. {ХУ 147.2}

Волјата има владејачка моќ во човековата природа. Ако волјата е насочена кон она што е исправно, целото битие ќе биде потчинето на нејзината власт. Волјата не е вкус или склоност, туку можност на избор, таа е одлучувачка и владејачка сила, која работи во човечките синови наведувајќи ги на послушност или пак, непослушност на Бога. {ХУ 147.3}

Сѐ додека не ја разбереш вистинската сила на волјата се наоѓаш во постојана опасност. Ти можеш да веруваш и да ветуваш сѐ, но твоите ветувања и верата нема да имаат никаква вредност сѐ додека твојата волја не биде потполно на страната на правдата. Ако во добрата борба на верата се бориш со сета сила на твојата волја, ќе станеш победник, во тоа нема сомнение. {ХУ 148.1}

Твоја задача е само со својата волја да бидеш потполно на страната на Христа. Кога твојата волја ќе и ја потчиниш на Неговата, Тој со самото тоа станува Господар на твоето битие и делува во тебе да сакаш и да правиш што Му е Нему угодно. Твојата природа доаѓа под власт на Неговиот Дух; дури и мислите Му се покоруваат на Неговото влијание. Ако не си во состојба, како што можеби би сакал, да владееш со твоите желби и чувства, можеш да владееш со твојата волја, а со тоа можеш да внесеш потполна промена во твојот живот. Кога својата волја ќе Му ја потчиниш на Христа, твојот живот ќе биде сокриен со Христа во Бога. Тоа е соединување со силата која е над секое поглаварство и власт. Ќе имаш потпора во Бога за цврсто да се фатиш за Неговата сила и можност да живееш со нов живот, живот на верата. {ХУ 148.2}

Во настојувањето да се воздигнеш и облагородиш ќе имаш успех само тогаш кога и со својата волја ќе бидеш на страната на Христа, соработувајќи со Светиот Дух. Нема да чувствуваш дека нешто не можеш, туку ќе речеш: „Јас можам, јас сакам”. А Бог, со Својот Свети Дух гарантира помош во секој одлучно преземен напор. {ХУ 148.3}

Секој од нас може да дознае дека постои една сила која ги потпомага нашите напори да станеме победници. Зошто луѓето не сакаат да се држат за помошта што им е обезбедена за да можат да се воздигнат и облагородат? Зошто со попуштање на изопачените желби се унижуваат самите себеси? Зошто не се развиваат во силата Христова и не стануваат победници во Негово име? Исус ја слуша и вослишува секоја молитва што ние можеме да Му ја упатиме. Тој има сомилост и сожалување кон слабостите на секоја душа и помош за секого кој ќе се потпре врз Него како врз Оној што може да спаси. Ви укажувам на Спасителот на грешникот, Христос Исус, Кој единствен може да ни подари сила да победиме сѐ. {ХУ 148.4}

Небото е вредно да жртвуваме сѐ поради него. Тука не смееме ништо да ризикуваме или да ставаме на коцка. Мораме да знаеме дека Господ управува со нашите чекори. Бог нека ни помогне во големото дело на здобивање на победата. Тој на победниците им подготвил венци и круни, а на праведниците бели облеки. За оние кои копнеат кон слава, чест и бесмртност, |а подготвил славата на неминливиот свет. Секој што ќе влезе низ вратата на Божјиот град, ќе влезе како победник. Тој таму нема да влезе како оправдан виновник, туку како син Божји. Зборовите на добредојде упатени на сите што ќе се удостојат да влезат низ вратата ќе бидат: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот” (Матеј 25:34). {ХУ 149.1}

Со задоволство би упатила зборови со кои сакам да ги охрабрам растреперените души со вера цврсто да се држат за Моќниот Помошник, за да можат да развијат карактер на кој ќе се гледа со одобрување, Небото ги повикува и им ги нуди своите најодбрани благодети и тие можат да ги имаат сите погодности неопходни за развој на совршен карактер; но сето тоа ќе биде залудно ако тие не сакаат да си помогнат самите на себе. Своите од Бога дадени сили тие мораат да ги стават во делување или тие ќе тонат сѐ подлабоко и подлабоко и ќе останат безначајни за доброто и на овој свет и во вечноста. {ХУ 149.2}

Човекот кој бил ослабнат, па дури и унижен со грешното попуштање, може да стане син Божји. Во границите на својата моќ, тој постојано треба да им прави добро на другите, помагајќи им да и се спротивстават на силата на искушението, а тоа ќе биде корисно и благотворно и за него самиот. Тој може да претставува сјајна и блескава светлина во овој свет и на крајот – од усните на Царот на славата – да ги слушне благословените зборови: „Добро, добар и верен слуго”.{ХУ 149.3}

Сподели го ова:

Поврзани статии