Општи принципи на христијанска умереност

Отворена Библија, леб, овошје и чиста вода на маса во природа

Христијанска умереност

Општи принципи на христијанска умереност

Сподели го ова:

Според составот на својот организам и убавината на телото и ликот, човекот излегол совршен од раката на Творецот. Фактот дека тој веќе речиси 6.000 години му се спротивставува на сѐ поголемиот притисок на болестите и злото претставува убедлив доказ за силата и издржливоста со кои првобитно бил надарен. Иако во претпотопниот период тој целосно му се препуштил на гревот, без никакво воздржување, поминале повеќе од 2.000 години пред забележливо да се почувствуваат последиците од прекршувањето на природните закони. Ако Адам на почетокот не би имал поголема физичка сила од онаа што ја имаат денешните луѓе, човечкиот род одамна би изумрел. {ХУ 7.1}

Откако паднал, човечкиот род од поколение во поколение покажува сѐ поголема склоност кон опаѓање, а болестите – од род во род, според законот на наследувањето – се пренесуваат од родителите на децата. Дури и новороденчињата во лулката страдаат од неволји предизвикани од гревовите на своите родители. {ХУ 7.2}

Мојсеј, првиот историчар, дава сосема одреден извештај за животот на општеството и поединецот во раните денови од историјата на светот; меѓутоа, никаде не наоѓаме запис дека некое новороденче се родило слепо, глуво, сакато или малоумно. Не е забележан ниту еден случај на природна смрт на новороденче, на дете во периодот на развој или на човек во млади години. Смртните известувања забележани во книгата Создавање гласат вака: „И сите денови што ги поживе Адам, изнесуваа деветстотини и триесет години; потоа тој умре… така поживе Сит вкупно деветстотини и дванаесет години и умре” (Создавање 5:5,8). За другите, кои живееле значително подоцна, е запишано: „И откако ослабе, умре Авраам во добра старост, сит од животот…” (Создавање 25:8). Било многу необично синот да умре пред таткото, па еден таков случај се сметал за толку исклучителен што било потребно да се забележи: „И Аран умре пред таткото свој, Тара во родната земја, во Ур Халдејски” (Создавање 11:28). Патријарсите од Адам до Ное, со неколку исклучоци, живееле речиси по илјада години. Оттогаш, просечната должина на човековиот век постојано се намалувала. {ХУ 7.3}

Во времето на првото Христово доаѓање, здравствената состојба на светот се влошила до таа мера што од градовите кај Спасителот биле доведувани не само стари, туку и средовечни и млади луѓе, за да ги лекува од разни болести. Мнозина од нив живееле и работеле под товарот на неверојатна беда. {ХУ 8.1}

Кршењето на природните закони, со своите последици — страдања и прерана смрт — земало толкав замав што исходот од тоа се смета за судбина на човештвото; меѓутоа, Бог не го создал човекот толку слаб. Постоечката состојба не е дело на Провидението, туку последица на човековите лоши навики — последица од престапувањето на законите што Бог ги поставил да владеат со човечкото суштество. Постојаното кршење на природните закони е постојано престапување на Божјиот Закон. Ако луѓето секогаш му се покорувале на Законот од Десетте заповеди и живееле според неговите начела и прописи, проклетството на болестите што денес го преплавува светот воопшто не би постоело. {ХУ 8.2}

„Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ви даден од Бога и дека не припаѓате само на себеси? Скапо сте купени. Затоа, прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји” (1. Коринтјаните 6:19,20). Кога луѓето ќе се зафатат со нешто што без потреба ги троши нивните сили и им го помрачува умот, тие грешат против Бога; не Го прославуваат со своето тело и душата — кои се Негови. {ХУ 8.3}

Меѓутоа, и покрај сите навреди што човекот постојано Му ги нанесува, Бог сѐ уште ја покажува Својата љубов кон човечкиот род. Тој му испраќа светлина, за да може да согледа дека, ако сака да живее совршен живот, мора да им се покорува на законите на природата — на законите што владеат со неговото суштество. Колку е, значи, важно човекот да чекори во таа светлина, употребувајќи ги сите сили на својот дух и тело за слава на Бога! {ХУ 8.4}

Ние живееме во свет кој се спротивставува на правдата и на чистотата на карактерот, а особено на растењето и напредувањето во милоста. Каде и да погледнеме, ќе видиме сквернавење и расипаност, изопаченост и грев. Колку е сето тоа спротивно на делото што мора да биде извршено во нас пред да го примиме дарот на бесмртноста! Божјите избраници мора да останат неизвалкани среде сѐ поголемата расипаност со која се опколени во овие последни денови. Нивното тело мора да стане свето, а духот — чист. Ако оваа задача треба да биде извршена, таа мора да се преземе веднаш — сесрдно и разумно. Божјиот Дух треба да има целосна контрола над нас, влијаејќи врз секоја наша постапка. {ХУ 8.5}

Здравствената реформа е една гранка на големото дело со кое Господовиот народ треба да се подготви за Христовото доаѓање. Таа е толку тесно поврзана со веста на третиот ангел, како што е поврзана раката со телото. Законот од Десетте заповеди несериозно се сфаќа и малку се почитува од страна на човекот; но Господ нема да дојде да ги казни престапниците на Својот Закон, а претходно да не им упати вест на предупредување. Мажите и жените не можат да ги прекршуваат законите на природата, попуштајќи му на изопачениот апетит и на телесните страсти, а со тоа да не го престапуваат и Божјиот Закон. Поради тоа Бог дозволил да нѐ осветли светлината на здравствената реформа, за да разбереме колку е грешно да се престапуваат законите што Тој ги поставил во самото наше битие. Нашиот Небесен Татко ја гледа жалната состојба во која мнозина се наоѓаат затоа што ги запоставуваат начелата на науката за чување и негување на здравјето; а мнозина од нив го прават тоа од неупатеност и незнаење. И поради Својата љубов и сочувство кон човечкиот род, Тој ја испратил светлината за здравствената реформа. Тој го пропишал законот, како и казните за неговото кршење, за секој да може да дознае што е, всушност, најдобро за него. Неговиот Закон е објавен толку јасно и така е истакнат што изгледа како град изграден на врв планина. Секое суштество надарено со ум може ова да го сфати и разбере, ако сака. Другите, пак, никако не можат да бидат одговорни за нечии постапки. Објаснувањето на законите на природата и поттикнувањето на луѓето да им се покоруваат е дело карактеристично за веста на третиот ангел и оди паралелно со неа. {ХУ 9.1}

Престапувањето на законот сега не може да се оправда со незнаење. Светлината јасно свети и никој не мора да остане неупатен, затоа што Бог лично му е учител на човекот. Најсветата обврска го задолжува секого поединечно да ја прифати здравата наука која Господ сега ја дава во поглед на здравствената реформа и во тоа да стекне вистински искуства. Негова намера е да се расправа за ова прашање и јавното мнение да се поттикне на длабоко истражување и распрашување околу тоа, затоа што не е можно мажите и жените да ја почитуваат вистината додека се наоѓаат под власта на грешните навики кои го уништуваат здравјето и ги ослабнуваат силите на умот. Оние кои сакаат да се информираат за последиците што грешното попуштање на сластите ги донесува врз нивното здравје и кои почнуваат да се реформираат — макар и од себични причини — со тоа можат да се доведат себеси во положба во која вистината ќе допре до нивните срца. Од друга страна, токму прашањето на здравјето може да им ја разбуди совеста и на оние на кои библиската вистина веќе им била проповедана: тие ја согледуваат и ја чувствуваат потребата да прекинат со навиките и страстите кои толку долго ги тиранизирале и владееле со нив. Мнозина би ја прифатиле вистината на Божјата Реч откако во неа ќе бидат убедени со најјасни докази, но телесните желби, кои бараат да бидат задоволени, ја преземаат контролата врз умот и тие ја отфрлаат вистината затоа што таа доаѓа во судир со нивните најизразени желби. Мислите на мнозина се на толку ниско духовно ниво што Господ не може да работи ниту за нив ниту со нив. Нивните мисли мораат да се сменат, а нивната морална чувствителност мора да се разбуди, и дури тогаш ќе бидат во состојба да ги сфатат Божјите барања. {ХУ 9.2}

Апостол Павле ја предупредува црквата: „Браќа, во името на милоста Божја, ве молам, дајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба” (Римјаните 12:1). Грешното попуштање на желбите и страстите го осквернува телото и го онеспособува човекот за духовна служба на Бога. Од Бога дадената светлина за здравствената реформа, за оној што ја почитува, претставува значителна помош во делото на лична посветеност со вистината и во подготвувањето за бесмртноста. Меѓутоа, ако човекот ја занемари оваа светлина и ги престапува законите на природата, тој мора да плати казна; неговите духовни сили се умртвуваат — и како може тогаш да ја усоврши светоста во Божји страв? {ХУ 10.1}

Луѓето го оскверниле храмот на својата душа и Бог ги повикува да се разбудат и со сите сили да се борат за да ја повратат својата, од Бога дадена, машкост. Само Божјата милост може да ја осведочи и да ја обрати душата; таа е единственото средство со кое робовите на навиките можат да се здобијат со сила да ги раскинат оковите што ги врзуваат. Невозможно е човекот своето тело да го предаде како жртва жива, света и угодна на Бога, додека продолжува да им попушта на навиките што му ги одземаат физичките, умните и моралните сили. Понатаму, апостолот вели: „И не управувајте се според овој век, туку преобразете се според вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја” (Римјаните 12:2). {ХУ 10.2}

Седејќи на Маслинската Гора, Исус на Своите ученици им дал упатства во врска со знаците што ќе му претходат на Неговото второ доаѓање: „Но, како што беше во деновите на Ноја, така ќе биде и при доаѓањето на Синот Човечки; оти, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден кога Ное влезе во ковчегот, и не узнаа, додека не дојде потопот и истреби се, – така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки” (Матеј 24:37-39). Истите гревови што му донеле пропаст на светот во времето на Ное постојат и во нашите денови. Денес луѓето се женат и се оддаваат на јадењето и пиењето до таа мера што тоа прераснува во прејадување и пијанство. Широко распространетиот грев на попуштање на изопачениот апетит, во времето на Ное, ги разгорел страстите на луѓето и довел до сеопшта расипаност. Осквернувањето и гревот допирале до небото. Со потопот, оваа морална расипаност конечно била избришана од земјата. Истиот грев — прејадувањето и пијанството — ги умртвил моралните чувства на жителите на Содом, така што злосторот станал уживање и задоволство на жителите на тој безбожен град. Христос вака го предупредува светот: „Исто така, како што беше во Лотовите дни: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа, ѕидаа; но во истиот ден, кога излезе Лот од Содом, падна од небото оган и сулфур и ги изгоре сите; така ќе биде и во денот, кога ќе се јави Синот Човечки” (Лука 17:28-30). {ХУ 11.1}

Тука Христос ни ја остава најзначајната поука. Тој ни укажува колку е опасно на јадењето и пиењето да им се придава најголема важност. Тој ги прикажува последиците од неограниченото попуштање на апетитот. Моралните сили слабеат, така што гревот веќе не изгледа толку грешен. Злосторот се сфаќа несериозно, а со умот владеат страстите сѐ додека правилните начела и побуди не бидат сосема искоренети и луѓето не почнат да хулат на Бога. Сето ова е последица од претерувањето и неумереноста во јадењето и пиењето. Токму таква, според Христовите зборови, ќе биде состојбата на светот пред Неговото второ доаѓање. {ХУ 12.1}

Спасителот укажува на нешто повозвишено, на што треба да ги посветиме нашите напори и труд, а не само на грижата за тоа што ќе јадеме и пиеме или во што ќе се облечеме. Со желбата за јадење, пиење и облекување толку се претерува што тоа станува престап. Тоа спаѓа меѓу впечатливите и истакнати гревови на овие последни денови и претставува знак за скорото Христово доаѓање. Времето, парите и силата — дарови што Господ ни ги доверил на чување, а кои Му припаѓаат Нему — се расфрлаат на непотребни облеки и раскошни јадења за да се задоволат изопачените страсти што ја намалуваат животната сила и донесуваат болест и опаѓање. Невозможно е да Му го дадеме своето тело како жртва на Господа ако со своето грешно попуштање постојано го расипуваме и го изложуваме на болести. {ХУ 12.2}

Мора да се стекне знаење за тоа како да се јаде и пие и како да се облекува за да се сочува здравјето. Болестите се последица од прекршувањето на природните закони. Наша прва должност — она што Му го должиме на Бога, на себе и на нашите блиски — е покорувањето на Божјите закони, а тука спаѓаат и законите за здравјето. Ако сме болни, ние со тоа ги мачиме и оптоваруваме своите пријатели, а себеси се онеспособуваме за извршување на должностите што ги имаме кон семејството и ближните. А кога последица е прерана смрт, со тоа им нанесуваме болка и страдања на другите: своите ближни ги лишуваме од помошта што сме можеле да им ја дадеме; на членовите на своето семејство им ја одземаме поткрепата и помошта што би требало да ја примат од нас; а на Бога Му ја одземаме службата што Тој ја бара од нас, за да придонесеме за прославување на Неговото Име. Зарем тогаш не сме, во подлабока смисла, престапници на Божјиот закон? {ХУ 12.3}

Меѓутоа, Бог е сожалив и милостив и кога светлината ќе стаса до оние кои со грешни попуштања си наштетиле самите на себеси, Тој милозливо ги прима да се покајат и да побараат простување. Меѓутоа, колку, и во најдобар случај, жртвата која Му се принесува на чистиот и свет Бог е безначителна и бедна! О, какво сочувство и милост! Тој не го одбива ни бедниот остаток од животот на еден страден грешник што се кае! Нека Му е слава на Бога Кој ги спасува и ваквите души како од оган! {ХУ 13.1}

Мислењето на некои дека духовноста е штетна по здравјето е измамнички заклучок на сатаната. Библиската вера не е штетна ниту за телесното ниту за духовното здравје. Влијанието на Божјиот Дух е најдобар лек против болестите. На небото нема болести, таму здравјето е совршено и потполно; и колку е влијанието на болниот што верува подлабоко, толку е посигурно неговото оздравување. Вистинските начела на христијанството на сите што ќе ги примат им отвораат извор на непроценлива среќа. Верата е непресушен извор од кој христијаните можат да пијат колку што сакаат и никогаш нема да го испразнат. {ХУ 13.2}

Поврзаноста која постои помеѓу телото и духот е многу длабоко всадена. Кога едното од нив страда, другото сочувствува и страда заедно со него. Состојбата на духот влијае врз здравјето на целиот организам. Кога човекот е слободен и среќен во својата душа и потсвест, свесен дека прави добро и наоѓајќи задоволство во тоа да ги усреќува другите, создава расположение кое делува врз целиот организам, го ослободува крвотокот и го зајакнува целото тело. Божјиот благослов е исцелителна сила и оние што изобилуваат со добри дела во корист на другите ќе го почувствуваат тој чудесен благослов и во срцето и во животот. {ХУ 13.3}

Кога луѓето кои им се препуштале на лоши навики и лош живот ќе ѝ се потчинат на силата на божествената вистина, влијанието на вистината врз срцето ги оживува моралните сили што веќе биле замрени. Нивното разбирање станува многу посилно и појасно отколку што било додека својата душа не ја врзале за Вечната Карпа. Свеста за сигурноста што ја нашле во Христа го поправа дури и нивното телесно здравје. Врз нив почива особен Божји благослов, во кој се наоѓа здравје и сила. {ХУ 13.4}

Оние кои чекорат по патот на мудроста и светоста согледуваат дека „побожноста е полезна за сѐ, бидејќи во себе има ветување за сегашниот и за идниот живот” (1. Тимотеј 4:8). Тие чувствуваат вистинска радост и среќа во животот; нив не ги мачи залудно каење и жалење поради лошо поминатите или пропуштени часови, ниту пак се нерасположени поради лошите претчувства што толку често ги мачат луѓето од овој свет додека не ги разоноди некоја возбудлива забава. Побожноста не им се спротивставува на законите на здравјето, туку, напротив, се ускладува со нив. Стравот Господов е темел на секој вистински напредок. {ХУ 14.1}

Сподели го ова:

Поврзани статии