4. СПАСЕНИЕТО Е БЕСПЛАТЕН ДАР
Среда, 12 август 2026
а. Што се очекува од оние што сакаат да добијат вечен живот?
1 Јованово 5:2,3; 1 Коринтјаните 7:19.
„Ако Му се предадете Нему и ако Го прифатите за свој Спасител, заради Него ќе бидете прогласени за праведни без оглед на сета грешност од поранешниот живот. Христовиот карактер ќе застане на местото на вашиот карактер и вие ќе бидете прифатени пред Бога како никогаш да не сте грешеле. И повеќе од тоа, Христос го менува срцето. Тој со вера живее во вашето срце. Со вера и постојано потчинување на својата волја на Христа треба да ја одржувате оваа врска со Него; и сè додека го правите тоа, Тој ќе делува на вас да го сакате и да го правите она што Му е пријатно. И така можете да кажете: ’А животот што сега го живеам во телото, го живеам преку вера во Божјиот Син, Кој ме возљуби, и се предаде Себеси за мене’ (Галатјаните 2:20). Така Исус им рекол на Своите ученици: ’Зашто нема да зборувате вие, туку од вас ќе зборува Духот на вашиот Отец’ (Матеј 10:20). И тогаш, кога Христос работи во вас, вие ќе покажете ист дух и ќе правите исти дела – дела на праведност и послушност. Според тоа, во себе немаме ништо со што би можеле да се фалиме. Немаме никаква причина да се воздигнуваме себеси. Единствена основа на нашата надеж е Христовата праведност што ни е дадена, и тоа што Неговиот Дух го прави во нас и преку нас.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 62,63.
б. Иако Господ им овозможил спасение на сите, зошто некои не успеваат да го пронајдат патот?
Ефесјаните 2:8, 9; Дела 4:12; Римјаните 9:30–33.
„Наместо да нè ослободи од послушноста, токму верата, и само верата нè прави учесници во Христовата благодат, што нè оспособува да бидеме послушни… Онаа таканаречена вера во Христа која тврди дека го ослободува човекот од должноста да му биде послушен на Бога, не е вера туку дрскост. ’Зашто сте спасени со благодатта преку верата’. Меѓутоа ’верата, ако нема дела, е мртва по себе’ (Ефесјаните 2:8; Јаков 2:17). Пред да дојде на Земјата, Исус рекол за себе: ’Мило ми е да ја творам волјата Твоја, Боже мој, и Законот Твој е во моето срце’ (Псалм 40:8). Непосредно пред своето повторно заминување на Небо, Тој објавил: ’Јас ги запазив заповедите на мојот Отец и останувам во Неговата љубов’ (Јован 15:10). Писмото вели: ’Ние знаеме дека го познаваме ако ги држиме Неговите заповеди… Кој тврди дека пребива во Него, и тој треба да живее така како што живеел Тој’ (1 Јованово 2:3-6). ’Зашто и Христос пострада за нас и нам ни остави пример да одиме по Неговите стапки’ (1 Петрово 2:21).“
Извор: Патот кон Христа, стр. 60,61.
