3. ДВЕ ЗАБЛУДИ
Вторник, 11 август 2026
а. Кои опасни заблуди ги прифаќаат многу таканаречени христијани?
Филипјаните 3:9; Римјаните 10:3; Јаков 2:17.
„Постојат две заблуди од кои Божјите деца – особено оние кои само што почнале да се потпираат на Неговата благодат – посебно мораат да се чуваат. Првата, за која веќе се зборуваше, е гледањето на своите дела, верување во она што тие дела можат да сторат за да нè доведат во склад со Бога. Оној што се обидува да стане свет со своите дела, со држење на Законот, се обидува да стори нешто што е невозможно. Сè што би можел човекот да направи без Христа е извалкано со себичност и грев. Само Христовата благодат, преку вера, може да нè стори свети. Втората, не помалку опасна крајност е заблудата дека верувањето во Христа го ослободува човекот од држењето на Законот; и дека, нашите дела немаат никакво влијание врз нашето спасение бидејќи само со вера ја добиваме Христовата благодат.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 60.
б. Како новозаветното ветување јасно покажува дека Христовата благодат не нè ослободува од послушност кон Божјиот закон?
„Божјиот закон е израз на Неговата вистинска природа; тој е олицетворение на големото правило на љубовта и според тоа темел на Неговото владеење на Небото и Земјата. Ако нашите срца се обновени според ликот на Бога, ако Божјата љубов е всадена во нашата душа, нема ли и Божјиот закон да се остварува во нашиот живот? Ако начелото на љубовта е всадено во срцето, ако човекот е обновен по ликот на Оној што го создал, тогаш е исполнето и новозаветното ветување: ’Ќе ги ставам Моите закони во нивните срца и ќе ги напишам во нивните мисли’ (Евреите 10:16). А ако Законот е впишан во срцето, зарем тој нема да го обликува животот? Послушноста, служењето и верноста од љубов, се вистински знак дека сме Негови ученици.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 60.
„Бог денес го бара истото што го барал и од светиот пар во Едем — совршена послушност на Неговите барања. Неговиот закон останува ист во сите векови. Големото мерило на праведноста претставено во Стариот завет не е намалено во Новиот. Делото на евангелието не е да ги ослабне барањата на Божјиот свет закон, туку да ги издигне луѓето таму каде што ќе можат да ги држат неговите заповеди. Верата во Христа што ја спасува душата не е онаква каква што многумина ја претставуваат. ’Верувај, верувај’, велат тие, ’само верувај во Христа и ќе бидеш спасен; тоа е сè што треба да правиш.’ Иако вистинската вера целосно се потпира на Христа за спасение, таа ќе доведе до целосна усогласеност со Божјиот закон.“
Извор: The SDA Bible Commentary [E. G. White Comments], vol. 6, p. 1073.
