4. ФАРИСЕЈОТ И ЦАРИНИКОТ
Среда, 15 јули 2026
а. Која е разликата меѓу фарисејот и цариникот во Христовата парабола?
„Во параболата за фарисејот и цариникот, самодоволната молитва: ’Боже, ти благодарам што не сум како другите луѓе,’ стои во остра спротивност со молбата на покајникот ’Биди ми милостив на мене грешникот’. (Лука 18:11,13) На тој начин Христос ги укорил Евреите заради нивното лицемерие.“
Извор: Копнежот на вековите, стр. 495.
б. Што рекол Исус за резултатот од молитвата на цариникот?
„Кутриот цариник кој се молел: ’Боже, биди милостив спрема мене грешникот’ (Лука 18:13), себеси се сметал за мошне расипан човек, а и другите го гледале со исти очи; но тој ја почувствувал својата потреба и со својот товар на вината и срамот дошол пред Бога барајќи милост од Него. Тој го отворил срцето пред милосливото влијание на Божјиот Дух да го ослободи од силата на гревот. Фаленичката самоуверена молитва на фарисејот покажала дека неговото срце е затворено за влијанието на Светиот Дух. Оддалечувајќи се од Бога, тој и не ја чувствувал својата извалканост која била наполно спротивна на совршенството на божествената светост. Не чувствувал никаква потреба и ништо и не примил.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 30, 31.
в. Кој деструктивен став сакал Исус да го исправи раскажувајќи ја оваа парабола?
Лука 18:9; 2 Коринтјаните 10:12; Изреки 16:18.
„Религијата на фарисејот не ја допира душата. Тој и не се стремел да стане сличен на Бога во карактерот, за срце исполнето со љубов и милост. Се задоволил со религијата што се однесувала само на надворешниот живот. Неговата праведност била само негова – плод на неговите дела – и се оценува според човечките мерила. Секој што себеси се смета за праведен, ќе ги презира другите луѓе. Како што фарисејот себеси се споредувал со другите луѓе, така и тој сите други ги споредувал со себе. Својата праведност ја оценувал со нивната, така што колку тие изгледале полоши, толку тој изгледал подобар. Неговата самоправедност го наведувала да ги обвинува другите. ’Другите луѓе’ ги прогласува за престапници на Божјиот закон. Со тоа тој го манифестирал духот на сатаната, кој е обвинител на браќата. Луѓето инспирирани со таков дух не можат да воспостават заедница со Бога, не можат да разговараат со Него, и затоа отишол дома лишен од Божјиот благослов.“
Извор: Христовите поуки, стр. 151.
