5. ПОВРЗУВАЊЕ НА НЕБОТО И ЗЕМЈАТА
Четврток, 9 јули 2026
а. Каква поука треба да ја извлечеме од скалата што Јаков ја видел во пустината?
Создавање 28:16, 17; Јован 1:51.
„Во оваа визија на Јакова му бил откриен планот на откупувањето, но не во целост, туку само во онаа мера колку што му било потребно во тоа време нему. Таинствената скала што ја видел на сон била истото она на што укажал Христос во својот разговор со Натанаила: ’Отсега’, кажал Тој, ’ќе го видите небото отворено и Божјите ангели како се искачуваат и слегуваат над Човечкиот Син’ (Јован 1:51). Сѐ до мигот на човековиот бунт против Божјото владеење, човекот слободно и непречено одржувал врска со Бога. Но гревот на Адама и Ева ја одделил земјата од небото, така што човекот не можел веќе да разговара со својот Творец. Сепак, светот не е оставен во осаменост и безнадежност. Оваа скала го претставува Исуса, одбраниот Посредник за општење со небото.“
Извор: Патријарси и пророци, стр. 184.
б. Опишете ја поврзаноста што Христовото посредување ја воспоставило. Римјаните 3:23-26; Евреите 1:14.
„Одметнувајќи се, човекот се одвоил од Бога; Земјата била отсечена од Небото. Преку бездната што ги разделувала, не можело да има заедница. Но преку Христа, Земјата повторно е поврзана со Небото. Со Своите заслуги Христос ја премостил бездната што ја направил гревот, така што ангелите – служители можат да одржуваат врска со луѓето. Христос го поврзал грешниот човек во својата слабост и беспомошност, со Изворот на бескрајната сила. Божјото срце копнее по Неговите деца на земјата со љубов, која е посилна од смртта. Давајќи го Својот Син, во тој еден дар Тој ни го подарил целото Небо. Животот на Спасителот, Неговата смрт и посредувањето, службата на ангелите, заземањето на Духот, делувањето на Отецот над и преку сите, постојаниот интерес на небесните суштества – сето тоа е ставено во служба за откуп на човекот.“
Извор: Патот кон Христа, стр. 20, 21.
