30 декември — Вечна сигурност

Мараната — Господ доаѓа
Вечна сигурност
30 декември
„И Господ ќе биде Цар над целата земја; во тој ден Господ ќе биде единствен и името Негово – едно единствено.“ (Захарија 14:9) {МАР 372.1}
„Со големиот план на спасението светот ќе биде вратен во својата првобитна состојба. Сè што било загубено со гревот, со Божјата милост повторно ќе биде вратено. Искупен е не само човекот, туку и целата земја да биде вечна татковина на послушните. Сатаната шест илјади години со сите сили се бори земјата да ја задржи под своја власт. Сепак, првобитната Божја цел, она заради што земјата и е создадена, конечно ќе се оствари. ’Потоа, светиите на Севишниот ќе го земат царството и ќе владеат со него во векови‘ (Даниел 7:18). {МАР 372.2}
’Од исток до запад нека се прославува името на Господ‘ (Псалм 113,3). ’И Господ ќе биде Цар над целата земја‘ (Захарија 14,9). ’Верни се сите заповеди Негови, утврдени засекогаш‘ (Псалм 119,89; 111,7.8). Светите прописи што сатаната ги мразел и настојувал да ги уништи ќе бидат ценети и почитувани во целата безгрешна вселена. (Исаија 61,11)“ (Патријарси и пророци, стр. 342) {МАР 372.3}
„Преку Христовото дело на откупување е оправдана Божјата власт. Семоќниот е прикажан како Бог на љубовта. Сатанските обвинувања се побиени, а неговиот карактер откриен. Бунт веќе никогаш повторно не може да се подигне. Гревот веќе никогаш нема да се појави во вселената. Низ вечните времиња сите ќе бидат заштитени од отпадништво. Со самопожртвуваноста на љубовта, жителите на Небото и на Земјата се поврзани со нераскинливи врски со својот Творец. … {МАР 372.4}
На местото, каде што гревот изобилувал, Божјата милост ќе изобилува многу повеќе. Самата Земја, местото за кое сатаната тврди дека е негово, нема само да биде откупена, туку и возвишена. Нашиот мал свет, кој поради проклетството на гревот претставува единствена темна дамка во Неговото величествено дело на создавање, ќе биде издигнат над сите останати светови во Божјата вселена. Овде, каде што Божјиот Син престојувал во облик на човек, каде што Царот на славата живеел, страдал и умрел — овде, каде што Тој ќе создаде сè наново, ќе биде Божјиот шатор со луѓето, ’и Тој ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив – нивниот Бог‘. И низ бескрајните векови, додека спасените живеат во светлината на Господа, тие ќе Го фалат за Неговиот неискажлив Дар — за Емануел ’со нас е Бог‘.“ (Копнежот на вековите, стр. 26) {МАР 372.5}
