29 декември — Саботата во иднината

Мараната — Господ доаѓа
Саботата во иднината
29 декември
„Зашто, како што новото небо и новата земја, кои Јас ќе ги создадам, ќе бидат секогаш пред лицето Мое, вели Господ, така ќе постои и потомството ваше и името ваше. Тогаш од месец на месец, и од сабота во сабота ќе доаѓа секоја плот пред лицето Мое на поклонение, вели Господ.“ (Исаија 66:22,23) {МАР 371.1}
„Во почетокот, по создавањето, Таткото и Синот се одморале во саботата. Кога ’се довршија небото и земјата и сето нивно воинство‘ (Создавање 2:1), Творецот и сите небесни суштества се радувале додека ја набљудувале таа величествена сцена. Тогаш ’ликуваа утринските ѕвезди, … сите Божји синови извикуваа од радост‘. (Јов 38:7) … ’кога ќе се воспостави сѐ што беше рекол Бог преку устата на сите Свои пророци од создавањето на светот‘ (Дела 3:21), саботата на создавањето — денот во кој Исус почивал во Јосифовиот гроб — сè уште ќе биде ден за одмор и радост. Небото и Земјата ќе се обединат во славењето ’од сабота во сабота‘ (Исаија 66:23), а мноштвото спасени радосно ќе Му се поклонуваат на Бога и на Јагнето.“ (Копнежот на вековите, стр. 769,770) {МАР 371.2}
„Спасениот народ нема да познава друг закон освен законот на небото. Сите ќе бидат среќно и сложно семејство, облечено во облеки на пофалба и благодарност. Над таа сцена ќе запеат утринските ѕвезди, а Божјите синови радосно ќе воскликнуваат … {МАР 371.3}
’Тогаш од месец на месец, и од сабота во сабота ќе доаѓа секоја плот пред лицето Мое на поклонение, вели Господ‘. ’и ќе се јави славата Господова, и сите луѓе ќе го видат спасението од Бога‘. ’Господ Бог ќе направи да никне правда и слава пред сите народи‘. ’Во тој ден Господ Саваот ќе биде убав венец и славна круна за остатокот од Својот народ‘.“ (Пророци и цареви, стр. 732,733) {МАР 371.4}
„Сè додека постојат небото и Земјата, саботата ќе биде знак на моќта на Творецот. Кога на Земјата повторно ќе процути Едем, Божјиот свет ден за одмор ќе го почитуваат сите под Сонцето. ’Од сабота во сабота‘ секој жител на прославената нова земја ќе доаѓа ’пред лицето Мое на поклонение, вели Господ‘. (Матеј 5:18; Исаија 66:23)“ (Копнежот на вековите, стр. 283) {МАР 371.5}
