31 декември — Што им подготвува вечноста на откупените

Мараната — Господ доаѓа
Што им подготвува вечноста на откупените
31 декември
„Ќе му дадам многу денови и ќе му го јавам спасението од Мене.“ (Псалми 91:16) {МАР 373.1}
„Сите богатства на универзумот ќе им бидат достапни за проучување на откупените. Ослободени од смртта, тие ќе се вивнат со неуморен лет во далечните светови – светови кои, гледајќи ги човечките јадови, биле обземени од болка, а со песна ја прославувале радосната вест за некоја спасена душа. Со задоволство кое не се опишува, земните деца ќе се запознаат со радостите и со знаењето на оние суштества кои никогаш не паднале. Тие ќе земат учество во богатството на науката и знаењето што го стекнале овие суштества во текот на вековите проучувајќи ги Божјите дела. Слободно ќе ја набљудуваат славата на создавањето – Сонцето, ѕвездите и нивните системи, како сите по одреден ред кружат околу Божјиот престол. На сите созданија, од најмало до најголемо, е напишано името на Творецот и кај сите се гледа богатството на Неговата моќ. {МАР 373.2}
Како што годините на вечноста ќе поминуваат, ќе носат сè побогати и почудесни откритија за Бога и Христа. Со зголемувањето на знаењето ќе растат и нивната љубов, стравопочит и среќа. Колку повеќе луѓето ќе знаат за Бога, толку ќе биде поголемо нивното восхитување на Неговиот карактер. И додека Христос пред нив ќе ги отвора ризниците на новите сознанија, за делото на откупувањето и неверојатните достигнувања од големата борба со сатаната, така ќе се зголемуваат храброста и посветеноста на нивните срца. Со восхит и радост ќе ги земаат своите златни харфи и десет илјади по десет илјади и илјада илјади гласови ќе се слеат во силен хор на благодарност. {МАР 373.3}
’И секое создание на небото и на земјата, под земјата и во морето, и сѐ што е во нив, чув како зборува: ‘На Оној Кој седи на престолот, и на Јагнето – благослов и чест, слава и владеење во сите векови!’‘ (Откровение 5:13). {МАР 373.4}
Големата борба е завршена. Нема веќе грев и грешници. Целата вселена е чиста. Сѐ што создал Бог во бескрајната вселена, повторно чука со единствен пулс на хармонија и радост. Од Оној кој создал сè тече живот, светлина и радост низ сите светови во бесконечниот простор. Од најмалиот атом, до најголемиот свет, сè што е создадено, и живата и неживата природа, во својата непоматена убавина и совршена радост изјавува дека Бог е љубов.“ (Големата борба, стр. 677,678) {МАР 373.5}
