21 ноември — Поглед кон вечното

Мараната — Господ доаѓа
Поглед кон вечното
21 ноември
„Зашто ние не целиме кон видливото, туку кон невидливото, бидејќи видливото е времено, а невидливото – вечно.“ (2 Коринтјаните 4:18) {МАР 333.1}
„Црквата ако се облече во облеката на Христовата праведност и ако се ослободи од секоја приврзаност кон овој свет, пред неа ќе осамне зора на светол и величествен ден. Божјото ветување што ѝ е дадено ќе остане сигурно за навек. Вистината триумфално ќе помине крај оние што ја презреле и ја отфрлиле. Иако понекогаш се чини забавено, нејзиното напредување никогаш нема да биде запрено. Кога Божјата порака ќе наиде на противење, Тој ѝ додава нова сила за да го засили нејзиното влијание. Надарена со божествена сила, таа ќе си расчисти себеси пат низ најсилните бариери и триумфално ќе совлада секоја пречка. {МАР 333.2}
Што му помагало на Божјиот Син во текот на неговиот напорен и пожртвуван живот? Тој ги видел резултатите на трудот на својата душа и бил задоволен. Насочувајќи го погледот во иднината на вечноста, Тој ја видел среќата на оние на кои, благодарение на неговото понижување, им било простено и добиле вечен живот. До неговото уво допрел радосниот и одушевен триумф на откупените. Чул како тие ја пеат песната на Мојсеја и на Јагнето. {МАР 333.3}
И ние можеме во нашата мечта да ја видиме сликата на иднината – небесното блаженство. Во Библијата се откриени идеалите на идната слава, сцените што ги насликала Божјата рака и што ѝ се мили на неговата црква. Со вера уште сега можеме да стоиме на прагот на вечниот град и да ги слушаме милозвучните зборови на добредојде упатени на оние кои во овој живот соработувале со Христа и кои сметале дека е чест да страдаат заради него. Кога ќе бидат изговорени зборовите: ’Дојдете, благословени од Мојот Отец‘ (Матеј 25:34), тие ќе ги положат своите круни пред нозете на Спасителот триумфирајќи: ’Достојно е закланото Јагне да прими сила и богатство, мудрост и моќ, чест, слава и благослов! … На Оној Кој седи на престолот, и на Јагнето – благослов и чест, слава и владеење во сите векови!‘ (Откровение 5:12,13). {МАР 333.4}
Таму откупените ќе ги поздрават оние што ги довеле кај Спасителот и заедно ќе го слават Оној кој умрел за смртните човечки суштества да добијат живот кој, според долговечноста, може да се спореди со Божјиот живот. Вековниот судир е завршен. На страдањата и на борбите им дошол крај. Низ целото небо се одгласуваат победоносни песни, додека откупените своите гласови ги придружуваат кон радосниот акорд: Достојно, достојно е Јагнето кое беше заклано, и кое повторно живее како славен победник.“ (Делата на апостолите, стр. 601,602) {МАР 333.5}
