22 ноември — Блажени се оние што ги перат своите облеки

Мараната — Господ доаѓа

Блажени се оние што ги перат своите облеки

22 ноември

„Блажени се оние што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите.“ (Откровение 22:14) {МАР 334.1}

„Очекуваме ли на крајот да влеземе на Небото и да му се придружиме на небесниот хор? Што се однесува до нашиот карактер, какви што одиме во гробот, такви и ќе излеземе од него. … Сега е времето за перење и пеглање. … {МАР 334.2}

Гледајќи го Божјиот престол и мноштвото околу него, Јован прашал: Кои се овие? Одговорот гласел: Оние кои ’ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на Јагнето‘. (Откровение 7,14) Христос ги води кон изворите на жива вода, каде што се дрвото на животот и драгоцениот Спасител. Тука ни е прикажан живот што се мери со Божјиот живот: таму нема болка, жалост, болест ниту смрт. Насекаде има мир, хармонија и љубов. … {МАР 334.3}

Сега е време да ја примаме благодатта, поткрепата и силата што треба да се соединат со нашите човечки напори за да оформиме карактер за вечниот живот. Кога го правиме тоа, ќе откриеме дека ни служат Божјите ангели и ќе бидеме Божји наследници и сонаследници со Исуса Христа. Кога ќе затруби последната труба и мртвите ќе бидат повикани од своите темници, кога за еден миг ќе бидат преобразени, главите на победниците ќе бидат крунисани со круни на бесмртна слава. Бисерните порти ќе се отворат за народот што ја запазил вистината и тој ќе влезе. Борбата завршила. {МАР 334.4}

’Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот‘ (Матеј 25,34). Го сакаме ли тој благослов? Јас го сакам и верувам дека го сакате и вие. Бог нека ни помогне да се бориме во битките на овој живот и да извојуваме победа од ден на ден, за на крајот да бидеме меѓу оние што ќе ги положат своите круни крај Исусовите нозе, ќе ги земат златните харфи и ќе го исполнат целото Небо со најпрекрасна музика. Сакам да Го љубите мојот Исус. … Не отфрлајте Го Спасителот, зашто Тој платил бесконечна цена за вас. Во Исуса гледам неспоредлива привлечност и сакам и вие да ја видите таа привлечност.“ (In Heavenly Places, стр. 369) {МАР 334.5}