2 ноември — Ќе се сретнеме со својот ангел чувар

Мараната — Господ доаѓа

Ќе се сретнеме со својот ангел чувар

2 ноември

„Затоа што ќе им заповеда на ангелите Свои за тебе, да те чуваат на сите патишта твои.“ (Псалми 91:11) {МАР 314.1}

„Кога Божјото провидение ќе го набљудуваме во светлината на вечноста, дури тогаш ќе разбереме што должиме за грижата и залагањето на Божјите ангели. Небесните суштества активно учествувале во работите на луѓето. Тие се појавувале во облека која светлела како молња; доаѓале како луѓе, во лик на патници. Го прифаќале гостопримството на човечките домови; служеле како водичи за патниците кои ноќта ги затекнала на пат. Тие ги попречувале намерите на крадецот и го свртувале ударот на убиецот. {МАР 314.2}

Иако владетелите на овој свет не го знаат тоа, сепак ангелите често зборувале во нивните собранија. Нив ги гледале човечки очи. Човечките уши ги слушале нивните говори. Во собранијата и судниците небесните гласници ги застапувале прогонетите и потчинетите. Тие ги соборувале намерите и ги запирале злата кои можеле да им нанесат страдања и штета на Божјите деца. На учениците во небесното училиште сето тоа ќе им биде објаснето. {МАР 314.3}

Секоја спасена душа ќе дознае каква служба извршувале ангелите во нејзиниот живот. Како ли ќе биде кога таа ќе разговара со ангелот кој бил нејзин чувар од нејзините најрани денови; со ангелот кој бдеел над нејзините чекори и ја засолнувал нејзината глава во денот на опасност; со ангелот кој бил со неа во долината на смртната сенка, кој го обележал местото на нејзината починка и кој прв ќе ја поздрави во утрото на воскресението – кога ќе ја дознае историјата на божественото посредување во животот на поединецот, историјата на работата на целото Небо во сѐ што е направено за човечкиот род!“ (Воспитување, стр. 304,305) {МАР 314.4}

„Со Божјата Реч во својата рака, секое човечко суштество, без оглед на тоа во каква положба животот го фрлил, може да го одбере друштвото што го сака. Со помош на нејзините страници тоа може да разговара со најблагородните и најдобри претставници на човечкиот род, може да го слуша гласот на Вечниот додека зборува со луѓето. Додека ги проучува темите во кои ’копнеат да ѕирнат ангелите‘, и размислува за нив, тој може да биде со нив.“ (Воспитување, стр. 127) {МАР 314.5}