1 ноември — Заробеништвото на сатаната и неговите ангели

Мараната — Господ доаѓа
Заробеништвото на сатаната и неговите ангели
1 ноември
„Ангелите, пак, што не се покоруваа на своето началство, и го напуштија живеалиштето, ги стави во вечни окови, во мрак за суд на големиот ден.“ (Јуда 1:6) {МАР 313.1}
„Земјата изгледаше како ненаселена пустина. Градови и села, изрушени од земјотрес, лежеа во рушевини. Планините беа поместени од своите места, оставајќи големи шуплини. Нерамни карпи, исфрлени од морето, или откинати од самата земја, беа расфрлани насекаде на површината. Големи дрвја беа откорнати и растурени низ земјата. Тука треба да биде домот на сатаната и неговите зли ангели за илјада години. Тука тој ќе биде ограничен, да талка горе и долу над изобличената површина на земјата и да ги гледа резултатите од својот бунт против Божјиот закон. Илјада години тој може да ужива во плодот на проклетството кој самиот го има причинето. Ограничен сам на земјата тој нема да има привилегија да талка по другите планети, да ги искушува и вознемирува оние што не паднале. За време на тој период сатаната страшно страда. Од неговиот пад, тој не престанал да ги развива своите зли особини и бил во непрекината активност. Но тој сега треба да биде лишен од својата сила, оставен да размислува за улогата што ја играл од неговиот пад, и во треперење и ужас да ја очекува ужасната судбина, кога тој ќе мора да страда за сето зло коешто го извршил и да биде казнет за сите гревови кои тој ги причинил да бидат извршени. {МАР 313.2} {МАР 313.3}
Јас слушнав извици на триумф од ангелите и откупените светии, кои звучеа како десет илјади музички инструменти, затоа што тие веќе нема да бидат попречувани и искушувани од сатаната и заради тоа што жителите на другите светови беа избавени од неговото присуство и неговите искушенија.“ (Рани списи, стр. 290) {МАР 313.4}
„На Божјиот народ заробеништвото на сатаната ќе му донесе веселба и радост. Пророкот кажува: ’Во оној ден, кога Господ те оттргна од скрбта твоја, од стравот и од тешкото ропство, под кое беше заробен, ти ќе запееш победничка песна против вавилонскиот цар (ова се однесува на сатаната) и ќе речеш: како исчезна мачителот и прекина тиранијата! Господ го скрши жезолот на нечесните, скиптарот на владетелите, кој јаросно ги поразуваше народите со бескрајни удари, гневно владееше над племињата свои со незадржливо прогонување‘ (Исаија 14:3-6).“ (Големата борба, стр. 660) {МАР 313.5}
