3 ноември — Добредојдовте во Божјиот град!

Мараната — Господ доаѓа

Добредојдовте во Божјиот град!

3 ноември

„Господарот му рече: ‚Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам; сподели ја радоста со својот господар!‘“ (Матеј 25:23) {МАР 315.1}

„Со неискажлива љубов Исус ги поздравува Своите верни во ’радоста на својот Господар‘. Радоста на Спасителот се состои во тоа што во царството на славата ги гледа душите кои се спасени со Неговото страдање и понижување. А откупените ќе учествуваат во Неговата радост кога меѓу спасените ќе ги видат оние што ги придобиле за Христа со своите молитви, со својот труд и пожртвувана љубов. Собрани околу големиот бел престол, нивните срца ќе бидат исполнети со неискажлива радост кога ќе ги видат душите кои ги придобиле за Христа и кога ќе видат дека тие придобиле други, а овие пак други, и сите се доведени во пристаништето на мирот, тука да ги положат своите круни пред Исусовите нозе и да Го слават низ бесконечните времиња на вечноста. {МАР 315.2}

Кога спасените ќе бидат поздравени со добредојде во Божјиот град, низ воздухот се разнесува радосен извик на воодушевување. Првиот и вториот Адам се среќаваат. Божјиот Син стои со раширени раце да го пречека таткото на нашиот род – суштеството што Тој го создал, кое згрешило против својот Творец и поради чијшто грев Спасителот ги носи знаците на распнувањето. Кога Адам ќе ги забележи трагите од страшните клинови, тој не паѓа на градите на својот Господ, туку понизно се фрла пред Неговите нозе, извикувајќи: ’Достојно, достојно е Јагнето што е заклано!‘ Спасителот нежно го подига и го повикува повторно погледот да го насочи кон Едем од кој толку долго бил протеран. {МАР 315.3}

По неговото протерување од Едем, Адамовиот живот на земјата бил исполнет со тага. Секој овенат лист, секоја принесена жртва, секое несовршенство во природата, која некогаш била толку убава, секоја дамка во човековиот карактер, постојано го потсетувале на неговиот грев. Страшна била болката на каење кога видел како беззаконието се шири и кога како одговор на неговите предупредувања добивал само прекор дека тој го предизвикал гревот. Речиси илјада години трпеливо и понизно ја поднесувал казната на својот престап. Искрено се покајал за својот грев и се потпирал врз заслугите на ветениот Спасител и така умрел со надеж во воскресението. Божјиот Син го откупил човековиот неуспех и пад, и сега, благодарение на делото на помирување, Адам повторно го добива ’поранешното владение‘ (Михеј 4:8).“ (Големата борба, стр. 647,648) {МАР 315.4}