31 октомври — Наградата е со Него

Мараната — Господ доаѓа

Наградата е со Него

31 октомври

„И еве, ќе дојдам скоро, и платата Моја е со Мене, за да му дадам на секого според делата негови.“ (Откровение 22:12) {МАР 312.1}

„Нашата работа на овој свет наскоро ќе заврши, и секој ќе прими награда според своите дела. Покажано ми е дека наградата на светите ќе биде непропадливото наследство, и дека оние што претрпеле најмногу заради вистината нема да сметаат дека имале тежок живот, туку ќе дојдат до сигурен заклучок дека небото може лесно да се добие.“ (1. Сведоштво, стр. 381) {МАР 312.2}

„Секој ден го зголемува својот извештај за неисполнетите должности, за немарноста, себичноста, измамата, прикривањето и нечесноста. Колку многу зли дела се натрупуваат за последниот суд! Кога Христос ќе дојде, ’наградата Му е со Него, а отплатата Му е пред лицето Негово‘. Тој ќе го награди секого според неговите дела. Што сè ќе се открие тогаш! Колку многумина ќе се вчудоневидат кога ќе се покажат делата на нивниот живот!“ (2. Сведоштво, стр. 160) {МАР 312.3}

„Оној кој го испитува срцето го бележи секое добро и лошо дело и нивното влијание на другите; Нему секоја тајна му е откриена. А наградата ќе биде во склад со побудите кои го поттикнале човекот на постапката.“ (2. Сведоштво, стр. 520) {МАР 312.4}

„Христовото доаѓање е на прагот и брзо се приближува. За работа ни останува уште малку време, а луѓето пропаѓаат…. {МАР 312.5}

Потребно е Божјата сила, која има моќ на преобразување да делува на нас, за да можеме да ги сфатиме потребите на светот кој пропаѓа. Подгответе се, подгответе се да се сретнете со Господа — тоа е бремето на веста која ви ја упатувам. Пригответе ги своите светилници, за светлината на вистината да светли на патиштата и меѓу оградите. Светот треба да се опомене дека крајот на сè се приближува. … {МАР 312.6}

Да настојуваме наново да се обратиме. Потребна ни е присутност на Божјиот Свети Дух, за да ни ги омекне срцата и да не бидеме груби во својата работа. Мојата молитва е Светиот Дух целосно да завладее со нашето срце. Да работиме како Божји деца кои од Него бараат совет, подготвени секогаш да ги извршуваме Неговите намери. Нашиот народ на тој начин ќе Го прослави Бога, а оние што ќе бидат сведоци на нашата ревност ќе кажат: ’Амин и Амин‘.“ (9. Сведоштво, стр. 105—108) {МАР 312.7}