30 октомври — Нашето избавување е близу

Мараната — Господ доаѓа
Нашето избавување е близу
30 октомври
„А кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето избавување.“ (Лука 21:28) {МАР 311.1}
„Христовото доаѓање е поблиску отколку кога првпат поверувавме. Големата борба се ближи кон својот крај. Божјите казни ја снаоѓаат земјата. Тие сериозно предупредуваат, говорејќи: ’Бидете подготвени, зашто Синот Човечки доаѓа во часот кога не очекувате‘ (Матеј 24:44). … {МАР 311.2}
Живееме во завршните денови од историјата на земјата. Пророштвото брзо се исполнува. Часовите на искушенија брзо поминуваат. Ниту за еден момент не смееме да губиме време. Да не дозволуваме да бидеме затекнати како спиеме на стража. Нека никој не говори во своето срце или со своите дела: ’Господарот мој уште за долго време нема да дојде‘. Веста за скорото Христово доаѓање треба да се објави со сериозни зборови и предупредувања. Да ги уверуваме насекаде мажите и жените да се покајат и да бегаат од гневот што иде…. {МАР 311.3}
Господ наскоро ќе дојде и мораме да се подготвуваме да Го дочекаме во мир. Мораме да решиме да направиме сè што е во наша моќ да им ја пренесеме светлината на оние кои се околу нас. Да не бидеме тажни, туку радосни и секогаш да Го имаме пред очи Господ Исус. Тој наскоро доаѓа и мораме да бидеме подготвени и да го чекаме Неговото појавување. О, колку ќе биде славно кога ќе Го видиме и кога ќе бидеме поздравени со добредојде како оние кои Тој ги искупил! Долго чекавме, но нашата надеж не смее да се угаси. Кога ќе Го видиме Царот во Неговата убавина ќе бидеме засекогаш благословени! Чувствувам дека морам гласно да извикам: ’Си одиме дома!‘ Се приближуваме до времето кога Христос ќе дојде во сила и голема слава за да ги одведе Своите откупени во нивниот вечен дом. … {МАР 311.4}
Долго чекавме на враќањето на нашиот Спасител. Но ветувањето сепак е сигурно. Наскоро ќе бидеме во ветениот дом. Таму Исус ќе нè води покрај живата река, која тече од Божјиот престол, и ќе ни го објасни засега несфатливото провидение со кое нè водел на оваа земја за да го усоврши нашиот карактер. Таму со непомрачен поглед ќе ги посматраме убавините на повторно воспоставениот Едем. Полагајќи ги пред нозете на Откупителот круните ставени на нашите глави од Неговата рака, и допирајќи ги жиците на златните харфи, ние целото небо ќе го исполниме со песна на благодарност на Оној што седи на престолот.“ (8. Сведоштво, стр. 252—254) {МАР 311.5}
