18 октомври — Општото воскресение на праведните

Мараната — Господ доаѓа
Општото воскресение на праведните
18 октомври
„Твоите мртовци ќе оживеат, мртвите тела ќе воскреснат! Разбудете се и ликувајте вие, соборените во прав; зашто Твојата роса е роса на светлина, и земјата ќе ги даде мртовците.“ (Исаија 26:19) {МАР 299.1}
„Царот над царевите слегува на облак, опкружен со огнен пламен. Небесата се виткаат како свиток, земјата се тресе пред Него, а сите гори и острови се поместуваат од своите места. … {МАР 299.2}
Среде лулањето на земјата, блесокот на молњите и татнежот на громовите, гласот на Божјиот Син ги повикува светите што спијат. Тој гледа кон гробовите на праведниците и тогаш, подигајќи ги рацете кон небото, извикнува: ’Разбудете се, разбудете се, разбудете се, вие, што спиете во правот и станете!‘ По целата должина и ширина на земјата, мртвите ќе го слушнат овој глас и, оние што ќе го чујат, ќе оживеат. Целата земја одѕвонува од чекорите на огромното мноштво од секоја нација, колено, јазик и народ. Тие доаѓаат од темнината на смртта, облечени во бесмртна слава, извикувајќи: ’О, смрт, каде ти е осилката? О, смрт, каде ти е победата?‘ (1. Коринтјаните 15:55). А живите праведници и воскреснатите свети ги соединуваат своите гласови во долг и радосен извик на победа. {МАР 299.3}
Сите излегуваат од своите гробови со иста висина како кога биле закопани…. Но, сите стануваат со свежина и сила на вечна младост…. Смртното, распадливо тело, лишено од убавината, некогаш опогането со грев, станува совршено, убаво и бесмртно. Сите недостатоци и деформитети се оставени во гробот…. {МАР 299.4}
Живите праведници ’одеднаш, за еден миг на око‘ (1. Коринтјаните 15:52), се изменуваат. На Божјиот глас тие се прославени; сега стануваат бесмртни и со воскреснатите свети се земени за да се сретнат со својот Господ во воздухот. Ангелите ги собираат ’Своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото‘ (Марко 13:27).“ (Големата борба, стр. 641,644,645) {МАР 299.5}
„И додека малите деца стануваат во бесмртност од своите постели во правот, веднаш го наоѓаат патот до раширените раце на своите мајки.“ (Selected Messages, книга 2, стр. 260) {МАР 299.6}
„Пријателите, кои толку долго смртта ги разделувала, пак се среќаваат за никогаш повеќе да не се разделат и со песни на радост се искачуваат заедно во Божјиот град.“ (Големата борба, стр. 645) {МАР 299.7}
