17 октомври — Бидете подготвени

Мараната — Господ доаѓа

Бидете подготвени

17 октомври

„Затоа и вие треба да бидете подготвени, зашто Синот Човечки доаѓа во часот кога не очекувате.“ (Матеј 24:44) {МАР 298.1}

„Кога Христос денес би се појавил на небесните облаци, кој … би бил подготвен да Го сретне? Да претпоставиме дека ќе бидеме пренесени во небесното царство такви какви што сме. Би биле ли подготвени да им се придружиме на Божјите светии, да живееме во согласност со царското семејство, со децата на небесниот Цар? Како сте се подготвиле за судот? Сте се помириле ли со Бога? … Се трудите ли да им помогнете на оние околу вас, на оние во вашиот дом, во вашето соседство, на оние со кои доаѓате во допир, а кои не ги пазат Божјите заповеди? … Запомнете дека исповедањето е безвредно без спроведување во секојдневниот живот. Бог знае дали навистина го пазиме Неговиот закон. Знае што правиме, што мислиме и што зборуваме. Подготвени ли сме да Го сретнеме Царот? Кога ќе дојде на небесните облаци со сила и голема слава, ќе можете ли да речете: ’Еве, Тој е нашиот Бог! На Него се надевавме, и Тој нѐ спаси!‘ (Исаија 25,9) На оние што ќе можат да го кажат тоа, Христос ќе им рече: ’Дојдете. На оваа земја Ме љубевте. Сакавте да ја извршувате Мојата волја. Сега можете да влезете во светиот град и да го примите венецот на вечниот живот‘. {МАР 298.2}

Кога би било можно да бидеме примени на небото такви какви што сме, колкумина од нас би можеле да погледнат во Бога? Колкумина ја имаат свадбената облека? Колкумина се без дамка и брчка или каков било недостаток? … {МАР 298.3}

Ова е времето на нашето чистење и обликување — времето кога треба да ги очистиме облеките на својот карактер во крвта на Јагнето. Јован вели: ’Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!‘ (Јован 1,29) … Зар нема да се ослободиме од своите гревови? … {МАР 298.4}

Ве преколнувам, браќа и сестри, сериозно да работите за да го добиете венецот на вечниот живот. За оваа награда вреди да се бориме, вреди да вложиме напор. … Во трката во која трчаме секој може да ја добие наградата — венецот на вечниот живот. Јас го посакувам овој венец. Решен сум со Божја помош да го добијам. Имам намера цврсто да се држам за вистината за да можам да Го видам Царот во Неговата убавина.“ (In Heavenly Places, стр. 356) {МАР 298.5}