16 септември — Почнува излевањето на седумте последни зла

Мараната — Господ доаѓа
Почнува излевањето на седумте последни зла
16 септември
„И чув од храмот висок глас како им вели на седумте ангели: ’Одете, излејте ги седумте чаши со гневот Божји на земјата!‘“ (Откровение 16:1) {МАР 267.1}
„Кога Христос ќе ја заврши Својата посредничка служба во небесното Светилиште, врз оние што му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик, и кои го примиле неговиот жиг, ќе се излее неразводнет гнев (Откровение 14:9,10). Злата што се излеале врз Египет, кога Бог имал намера да го ослободи Израел, се слични по својот карактер со оние уште пострашни и поголеми казни што ќе го снајдат светот токму пред конечното ослободување на Божјиот народ. Писателот на Откровението, опишувајќи ги овие страшни казни, вели: ’И по луѓето, што го имаа белегот на ѕверот и се поклонуваа на неговата биста, се појавија лоши и лути рани‘. ’И тоа стана како крв од убиен човек; и сѐ живо изгина во морето‘. За реките и водните извори е кажано: ’и тие се претворија во крв‘. Колку и да се страшни овие судови, сепак, Божјата правда е сосема оправдана. Божјиот ангел кажува: ’Праведен си, Господи, … зашто така пресуди, бидејќи тие пролеаја крв на светии и пророци, и Ти им даде да пијат крв – заслужуваат!‘ (Откровение 16:2-6). Осудувајќи го Божјиот народ на смрт, навлекле на себе вина за нивната крв како тие да ја пролеале со свои раце. … {МАР 267.2}
Во казната што следи, на Сонцето ќе му биде дадена сила ’да ги жари луѓето со оган. И силна жега ги опфати луѓето‘ (Откровение 16:8,9). … {МАР 267.3}
Овие зла нема да бидат сеопшти, зашто инаку сите земни жители би биле уништени. Сепак, тие ќе бидат најстрашни казни кои смртниците некогаш ги доживеале. Сите судови што ги снаоѓале луѓето пред крајот на времето на милоста биле помешани со милост. Христовата крв ги штитела грешниците да не ја примат целосната мерка за својата вина. Но во конечната пресуда, Божјиот гнев ќе се излее непомешан со милост.“ (Големата борба, стр. 627—629) {МАР 267.4}
„Стрелите на Божјиот гнев само што не полетале, и кога Тој ќе почне да ги казнува грешниците, нема да има прекин до крајот. Се подготвува бурата на Божјиот гнев, и само оние што се посветени преку вистината во Божјата љубов ќе бидат сокриени со Христа во Бога додека не помине пустошењето.“ (Testimonies to Ministers and Gospel Workers, стр. 182) {МАР 267.5}
