17 септември — Издаден е смртен декрет

Мараната — Господ доаѓа

Издаден е смртен декрет

17 септември

„И му се даде да вложи дух во бистата на ѕверот, та да прозборува тој и да направи да бидат убиени оние кои нема да се поклонат пред бистата на ѕверот.“ (Откровение 13:15) {МАР 268.1}

„Кога Исус ќе ја напушти светињата над светињите, Неговиот Дух што ги задржува силите ќе се повлече од владетелите и народите. Тие ќе ѝ бидат препуштени на власта на демоните. Тогаш, по сатански совет и упатство, ќе бидат донесени такви закони што ниедно тело не би можело да се сочува кога тие денови не би биле скратени.“ (1. Сведоштво, стр. 204) {МАР 268.2}

„Видов дека ангелите ќе ги држат четирите ветра сè додека Исусовото дело во светилиштето не биде завршено, а потоа ќе следат седумте последни зла. Овие зла го разгоруваат гневот на злите против праведниците, затоа што тие сметаат дека ние сме ги навлекле Божјите казни врз нив и дека неволјите ќе престанат ако нѐ истребат од земјата. Па така издаваат декрет светиите да бидат погубени, што верните ги тера дење и ноќе да викаат кон Господа за избавување. Тоа е време на ’Јакововите маки‘.“ (Рани списи, стр. 36,37) {МАР 268.3}

„Тогаш јас видов како земните водачи се советуваа еден со друг, и сатаната и неговите ангели беа зафатени околу нив. Јас видов еден запис чиишто копии беа растурени во различни делови на земјата, давајќи заповеди доколку светиите не се откажат од својата посебна вера, не се откажат од саботата и не го почитуваат првиот ден од седмицата, луѓето имаа слобода после некое одредено време да ги убијат.“ (Рани списи, стр. 282,283) {МАР 268.4}

„Иако со сеопшта наредба ќе биде утврдено времето кога треба да бидат убиени сите што ги држат Божјите заповеди, сепак, нивните непријатели во некои случаи и предвреме ќе се обидат да им го одземат животот. Но никој не ќе може да помине покрај силните чувари кои ја чуваат секоја верна душа. Некои, бегајќи од градовите и селата, ќе бидат нападнати, но мечевите што ќе се подигнат против нив ќе се скршат и ќе паднат на земјата како сламки. Други пак ангелите ќе ги штитат во лик на вооружени борци.“ (Големата борба, стр. 631) {МАР 268.5}

„Кога луѓето би можеле да гледаат со небесни очи, би виделе чети на силни ангели како ги опкружуваат оние што го одржале словото на Христовото трпение. Со нежност полна со сочувство, ангелите се сведоци на нивните неволји и ги слушаат нивните молитви. Тие чекаат заповед од својот Заповедник да ги избават од опасностите. Но тие мораат да чекаат уште малку. Божјиот народ мора да ја испие чашата и да биде крстен со страдалничко крштевање.“ (Големата борба, стр. 630,631) {МАР 268.6}