15 септември — Четирите ветрови се пуштени

Мараната — Господ доаѓа
Четирите ветрови се пуштени
15 септември
„Не пакостете ѝ на земјата, ниту на морето, ниту, пак, на дрвјата, додека не им ставиме печат врз челата на слугите на нашиот Бог!“ (Откровение 7:3) {МАР 266.1}
„Ангелите кружат околу земјата побивајќи го сатанското тврдење дека има право на оваа земја затоа што мноштвото негови приврзаници е толку големо. Не ги слушаме нивните гласови, ниту со своите телесни очи можеме да ги видиме постапките на тие ангели, но нивните раце се цврсто споени околу земјата и тие будно ги задржуваат сатанските војски додека не заврши запечатувањето на Божјиот народ.“ (The SDA Bible Commentary, том 7, стр. 967) {МАР 266.2}
„Јован ги гледа силите во природата — земјотресите, бурите и политичките судири — што ги задржуваат четирите ангели. Овие ветрови се под контрола сè додека Бог не им каже да дуваат. Божјата црква е безбедна. Божјите ангели ги извршуваат Неговите заповеди, задржувајќи ги ветровите да не дуваат на земјата, ниту на морето, ниту на кое било дрво, додека Божјите слуги не го примат печатот на своите чела.“ (Testimonies to Ministers and Gospel Workers, стр. 444) {МАР 266.3}
„Сега е време од особено значење за сите луѓе. Вниманието на владетелите и државниците, на луѓето на доверливи и влијателни положби, на жените и мажите што размислуваат, од сите слоеви, е насочено кон настаните што се случуваат околу нас. Тие ги набљудуваат затегнатите, немирни односи меѓу народите. Ја гледаат напнатоста што ја обзема секоја земна сила и сфаќаат дека ќе се случи нешто големо и значајно — дека светот е на работ на необична криза. {МАР 266.4}
Ангелите сега ги задржуваат ветровите на војната додека светот не биде предупреден за денот на судот што се приближува. Но бурата се подготвува, готова да се урне врз земјата; и кога Бог ќе им заповеда на Своите ангели да ги пуштат ветровите, ќе настанат сцени на судири што ниедно перо не може да ги опише. … {МАР 266.5}
Бог милостиво го продолжил времето. Од небото ни е дадена секоја сила да ја извршиме задачата што Господ ни ја доверил заради оние што гинат во незнаење. Пораката на предупредување треба да одекне во сите делови на светот. … Треба да се изврши големо дело, а тоа им е доверено на оние што ја знаат вистината за ова време.“ (Review and Herald, 23. ноември 1905.) {МАР 266.6}
