31 август — Истражниот суд

Мараната — Господ доаѓа

Истражниот суд

31 август

„Гревовите на некои луѓе се јасни и однапред ги водат на суд, а на некои по нив одат.“ (1 Тимотеј 5:24) {МАР 251.1}

„Истражниот суд и бришењето на гревовите треба да завршат пред второто Христово доаѓање. Бидејќи на мртвите ќе им биде судено според она што е запишано во книгите, не е можно гревовите на луѓето да бидат избришани пред крајот на судот на кој ќе се испитува нивниот живот. … Кога истражниот суд ќе заврши, Христос ќе дојде и со себе ќе му донесе награда секому според неговите дела. {МАР 251.2}

На сите ќе им биде судено според она што е запишано во небесните книги и секој ќе прими награда според своите дела. Овој суд не се одвива при смртта. {МАР 251.3}

Првосвештеникот, во симболичката служба на Стариот завет, завршувајќи го обредот на помирување за Израелот, излегувал и го благословувал народот. Така и Христос ќе се појави на крајот од својата посредничка служба ’не веќе како жртва за грев на оние што Го очекуваат, туку за нивно спасение‘ (Евреите 9:28). Како свештеникот што ги отстранувал од светињата гревовите исповедајќи ги врз главата на јарецот за грев, така и Христос сите признати гревови ќе ги натовари на сатаната, причинителот и поттикнувачот на гревот. Јарецот што ги носел гревовите Израелови бил одведен ’во пустината‘ (Левит 16:22). Така и сатаната, врз кого ќе падне вината за сите гревови на кои го навел Божјиот народ, ќе биде заточен илјада години на оваа Земја, која тогаш ќе биде пуста и без жители, и на крајот целосната казна за гревот ќе ја прими во огнот кој ќе ги уништи сите безбожници. {МАР 251.4}

Малкумина, да, само малкумина од огромното мноштво луѓе на земјата ќе бидат спасени за вечен живот, додека мноштвото што не ги усовршило своите души преку послушност кон вистината ќе биде одредено за втората смрт. {МАР 251.5}

Додека гревовите на покајаните верници се отстрануваат од Светилиштето, на земјата треба да се изврши посебно дело на чистење и отстранување на гревовите на Божјиот народ.“ (The Faith I Live By, стр. 213) {МАР 251.6}