9 август — Да ги совладаме лошите навики

Мараната — Господ доаѓа

Да ги совладаме лошите навики

9 август

„Раце на никого не полагај пребрзо, ниту, пак, на туѓи гревови да стануваш соучесник! Пази се себе чист!“ (1 Тимотеј 5:22) {МАР 229.1}

„Значаен дел од воспитувањето е знаењето за тоа што ја сочинува чистотата на умот, душата и телото. {МАР 229.2}

Кога на карактерот му недостига чистота, кога гревот ќе стане дел од карактерот, тоа е маѓепсувачка сила еднаква на чаша опоен алкохолен пијалак. Силата на самосовладувањето и разумното однесување се потиснати од навиката што го осквернува целото битие. Ако овие грешни постапки продолжат, мозокот слабее, станува болен и ја губи својата рамнотежа. Таквите луѓе им носат несреќа на себеси и на сите што имаат каква било врска со нив. … {МАР 229.3}

Многу полесно се создаваат лоши отколку добри навики. Лошите навики се совладуваат со многу поголем напор. Расипаноста на срцето го објаснува добро познатиот факт дека е потребен многу помал труд морално да се расипат младите и да се изопачат нивните претстави за моралниот и верскиот карактер, отколку во нивниот карактер да се всадат истрајност, чистота и чистите доблести на праведноста и вистината. Попуштањето себеси, љубовта кон задоволствата, омразата, гордоста, вообразеноста, зависта и љубомората ќе растат сами, без пример и поука. Во нашата сегашна падната состојба доволно е умот и карактерот да ги препуштиме на нивните природни склоности. Во природата, оставете ја нивата необработена и наскоро ќе обрасне со плевел и трње; но ако сакате да роди драгоцено жито и да растат прекрасни цвеќиња, мора да се зафатите со обработување и постојана работа. {МАР 229.4}

Сега пред вас ја поставуваме потребата од постојано спротивставување на злото. Целото небо се интересира за мажите и жените што Бог толку ги ценел што Го дал Својот возљубен Син да умре за да ги спаси. Ниедно друго суштество што Бог го создал не е способно за таков напредок, таква благородност, таква чест како човекот. А кога луѓето ќе затапат во своите расипани страсти и ќе потонат во гревот, како може Бог да ги гледа такви! Човекот не може да си замисли што може да биде и што може да стане. Благодарение на Христовата милост тој може постојано умствено да напредува. Ако дозволи светлината на вистината да засвети во неговиот ум и Божјата љубов да се излее во неговото срце, преку благодатта на Христа, Кој умрел за да му даде живот, може да стане силен човек — дете на земјата, но и наследник на бесмртноста.“ (In Heavenly Places, стр. 195) {МАР 229.5}