8 август — Чесни во побудите и делата

Мараната — Господ доаѓа

Чесни во побудите и делата

8 август

„Бидете еден спрема друг добри и милосрдни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христос.“ (Ефесјаните 4:32) {МАР 228.1}

„Начелноста, правдата и чесноста треба секогаш да се негуваат. Чесноста не може да опстане таму каде што се кријат лукавство и човечко надмудрување. Тие две спротивни особини никогаш не можат да се сложат. Едната е Божје начело, а другата е определување за Ваал. Господ бара од Своите слуги чесност не само во постапките, туку и во побудите. … Оние кои се определени за чесност го покажуваат тоа во сите свои постапки. На многумина таквите не им се по волја, но затоа на Бога Му се исклучително драги. {МАР 228.2}

Сатаната настојува да се пикне секаде и во сè. Тој ги раздвојува најдобрите пријатели. Има поединци кои постојано зборувајќи, секогаш некого оговараат, лажно сведочат, сеат семе на раздор и неслога и предизвикуваат кавга. Небото ги смета таквите за најделотворни слуги на сатаната. Но оние на кои на тој начин им се прави неправда и им се нанесува навреда, се наоѓаат во далеку побезопасна положба отколку да им ласкаат и да ги издигнуваат поради некои мали напори кои се покажале успешни. Пофалбите и комплиментите од страна на привидните пријатели се поопасни од прекорите и срамот. {МАР 228.3}

Секој човек кој самиот себе се издигнува и фали, го намалува со тоа сјајот на своите најдобри напори. Човек со вистински благороден карактер нема воопшто да запира за навредено да негодува поради лажните обвинувања на злобните непријатели. Секој така изговорен збор немоќно паѓа на земја, не причинувајќи му никаква штета, бидејќи всушност само ја зајакнува силата на она што не може да се сруши. Господ сака како Негов народ уште посилно да се поврземе со Него, покажувајќи ја во својот живот Христовата љубов и Неговото бескрајно трпение. Никој нека не се осмелува да го омаловажува угледот или ставот на другите; тоа е самољубие. … {МАР 228.4}

Никогаш не зборувајте со презир ниту за еден човек; бидејќи можеби токму тој е голем во Божјите очи, додека оние луѓе кои се сметаат големи пред Бога ќе се најдат лесни поради изопаченоста која ја кријат во своето срце. Наша единствена сигурност е да паднеме ничкум кај крстот, да бидеме мали во своите очи, потпирајќи се само на Бога; зашто само Тој може да нè направи големи. … {МАР 228.5}

Неопходни се способностите и расудувањето на сите. Задачата на секој поединец е доволно значајна за да мора да ѝ се пристапи сериозно, совесно и со полна одговорност. Ниту еден човек не може да работи за сите. Секој има свое одредено место и своја посебна задача, и секој мора да има на ум дека на Божјиот суд ќе мора да полага сметка како и на кој начин ја извршувал својата должност.“ (4. Сведоштво, стр. 607,608) {МАР 228.6}