10 август — Посветување на целиот човек

Мараната — Господ доаѓа

Посветување на целиот човек

10 август

„За да се обновите со духот на својот ум и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во вистинска праведност и светост.“ (Ефесјаните 4:23,24) {МАР 230.1}

„Вистината мора да го посвети целото битие — умот, мислите, срцето и сите сили. Животните сили повеќе не се трошат на сетилни и недозволени задоволства. Човекот мора да го победи сето тоа, или тоа ќе го победи него. … Мислите треба да бидат чисти. Што сè можеле да станат мажите и жените кога би сфатиле дека постапувањето со телото има решавачко влијание врз силата и чистотата на умот и срцето! {МАР 230.2}

Вистинскиот христијанин стекнува искуство што донесува светост. Нема ниедна дамка и чувство на вина на својата совест, ниту каква било трага од изопаченост во душата. Духот на Божјиот закон, со начелата што поставуваат граници, е вткаен во самиот негов живот. Светлината на вистината го просветлува неговото разбирање и свест. Жарот на совршената љубов кон Откупителот ја растерува отровната атмосфера што ја одвојувала неговата душа од Бога. Божјата волја, која сега станала и негова, го издигнува, го чисти, го облагородува и го посветува. Неговото лице ја одразува небесната светлина. Телото му станува соодветен храм на Светиот Дух. Светоста го краси неговиот карактер. Бог може да одржува блиска врска со него, зашто и со душата и со телото е во целосна согласност со Бога. … {МАР 230.3}

Бог сака да сфатиме дека има право на умот, душата, телото и духот — на сè што поседуваме. Негови сме преку создавањето и преку откупувањето. Како наш Создател, Тој сака да Му служиме со целосна преданост. Како Спасител, има право на нашата љубов, на љубов што не може со ништо да се спореди. За ова Негово право треба да бидеме свесни во секој миг од својот живот. … Нашето тело, душа и живот Му припаѓаат Нему не само затоа што се Негов бесплатен дар, туку и затоа што нè опсипува со Своите благослови и ни дава сила да ги користиме своите способности. … Тој вели: ’А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде моќ да станат чеда Божји‘. … {МАР 230.4}

Оние што навистина се Божји деца ќе Го претставуваат Христа со својот карактер. Нивните дела ќе зрачат со нежноста, сочувството, љубовта и чистотата на Божјиот Син. И колку поцелосно духот, душата и телото ќе Му се потчинат на Светиот Дух, толку попријатен ќе Му биде на Господа мирисот на нашиот принос.“ (The SDA Bible Commentary, том 7, стр. 909) {МАР 230.5}