14 јуни — Симболиката на трите ангелски вести

Мараната — Господ доаѓа
Симболиката на трите ангелски вести
14 јуни
„Ете, Јас ќе го пратам кај вас пророкот Илија, пред да настапи денот Господов – голем и страшен.“ (Малахија 3:23) {МАР 173.1}
„Треба да се спроведе голема реформа за да се подготви еден народ кој ќе може да се одржи во Божјиот ден. Бог видел дека мнозина, кои тврдат дека се Негов народ, не градат за вечност и во Својата милост Тој им испраќа порака на предупредување за да ги разбуди од нивното мртвило и да ги наведе да се подготват за Христовото доаѓање. {МАР 173.2}
Ова предупредување се наоѓа во 14-тата глава на Откровението. Овде тројната ангелска порака е прикажана како да ја објавуваат небесни суштества, а веднаш потоа следи доаѓањето на Синот Човечки да го пожнее ’житото на земјата‘.“ (Големата борба, стр. 311) {МАР 173.3}
„Ангелите се прикажани како летаат среде небото објавувајќи му ја на светот веста на предупредување. Нивната порака непосредно се однесува на луѓето што живеат во последните денови од историјата на оваа планета. Никој не го слуша гласот на овие ангели, зашто тие го претставуваат Божјиот народ кој работи во согласност со небото и вселената.“ (Life Sketches of Ellen G. White, стр. 429) {МАР 173.4}
„Пораките на тројцата ангели треба да се испреплетуваат, давајќи му ја на светот својата тројна светлина. Во Откровение Јован вели: ’А по ова видов како слегува од небото друг ангел кој имаше голема власт: и земјата светна од неговиот болскот‘ … Тоа значи објавување на тројната и последна опомена на светот.“ (The SDA Bible Commentary, том 7, стр. 985) {МАР 173.5}
„Откровение 18. глава укажува на времето кога црквата, затоа што ќе ја отфрли тројната опомена од Откровение 14:6-12, во целост ќе ја достигне состојбата што ја изнел вториот ангел, а Божјиот народ, кој сè уште е во Вавилон, ќе биде повикан да излезе од своите цркви. Ова е последна вест што ќе му биде објавена на светот и таа ќе ја изврши својата задача. Кога оние ’кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата‘ (2. Солунјаните 2:12), ќе бидат предадени на силата на измамата да ѝ веруваат на лагата, тогаш светлината на вистината ќе ги осветли оние чиишто срца се подготвени да ја примат, и сите Божји деца што се наоѓаат во Вавилон ќе го прифатат повикот: ’Излезете од неа, луѓе Мои‘ (Откровение 18:4).“ (Големата борба, стр. 390) {МАР 173.6}
