13 јуни — Саботата наспроти неделата

Мараната — Господ доаѓа

Саботата наспроти неделата

13 јуни

„И трет ангел по него наиде, зборувајќи со висок глас: ’Кој ќе му се поклони на ѕверот и на бистата негова, и прими белег на челото свое или на раката своја, тој ќе пие од виното на јароста Божја, вино неразводнето, излеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен со оган и сулфур пред светите ангели и пред Јагнето.‘“ (Откровение 14:9,10) {МАР 172.1}

„Порано оние што ги проповедале вистините на третата ангелска вест често биле сметани само како паничари. Нивните предвидувања дека во Соединетите Држави ќе завладее верска нетрпеливост, дека црквата и државата ќе се обединат да ги прогонуваат оние што ги држат Божјите заповеди, биле прогласени како неосновани и апсурдни. … Но кога нашироко ќе биде расправано за прашањето на принудното празнување на неделата, ќе се види дека се приближува настанот во кој толку долго се сомневало и во кој не се верувало, а третата ангелска вест ќе произведе таков впечаток каков што порано не можела да има. … {МАР 172.2}

Луѓе од вера и молитва ќе бидат поттикнати да појдат со света ревност и да ги проповедаат зборовите што Бог им ги дава. Гревовите на Вавилон ќе бидат разоткриени. Страшните последици од присилното наметнување на црковните обичаи со посредство на граѓанските власти, навлегувањето на спиритизмот, тајниот, но брз развој на папската власт – сето тоа ќе биде демаскирано. Овие свечени предупредувања ќе го разнишаат народот. … Кога народот желен да ја дознае вистината ќе им се обрати на своите поранешни учители со прашањето: ’Дали навистина тоа е така?‘, тогаш нивните проповедници ќе им кажуваат приказни, ќе им зборуваат мили работи со цел да ја смират нивната загриженост и да ја стивнат нивната разбудена совест. Но, бидејќи мнозина ќе одбијат да се задоволат само со човечкиот авторитет барајќи го она јасно ’Така вели Господ‘, популарните проповедници, како и фарисеите во старо време, гневни затоа што е доведен во прашање нивниот авторитет, ќе објават дека оваа вест е од сатаната и ќе го поттикнуваат народот кој го сака гревот да ги исмејува и прогонува оние што ја објавуваат. {МАР 172.3}

Штом борбата се проширува на нови подрачја и кога вниманието на народот се насочува кон погазениот Божји закон, ни сатаната не мирува. Силата што ја придружува веста само ќе ги разгневи сите што ѝ се противат. Свештениците ќе употребат речиси натчовечки напори да ја засолнат светлината за да не им свети на нивните стада. Ќе се трудат со сите средства што им стојат на располагање да ги спречат дискусиите околу овие важни прашања. Црквата ќе се потпре врз силната рака на граѓанската власт и во тоа католиците и протестантите ќе се обединат.“ (Големата борба, стр. 605–607) {МАР 172.4}