15 јуни — Вооружениот судир во последните денови

Мараната — Господ доаѓа
Вооружениот судир во последните денови
15 јуни
„Така вели Господ Саваот – ете, злото ќе мине од народ кон народ, и голем виор ќе се подигне од краиштата земни.“ (Еремија 25:32) {МАР 174.1}
„Наскоро меѓу народите ќе се подигнат страшни неволји, неволји што нема да престанат сè додека Исус не дојде. Треба да се зближиме и обединиме како никогаш порано, служејќи Му на Оној што го поставил Својот престол на небесата и чие царство ќе владее над сè. Бог не го заборавил Својот народ, а и нашата сила лежи во тоа ни ние да не Го заборавиме Него. {МАР 174.2}
Божјите судови се на земјата. Војните и гласовите за војни, уништувањата со оган и вода, јасно зборуваат дека времето на неволјата, која кон крајот ќе станува сè поголема, е мошне близу, на дофат на раката. Немаме време за губење. Светот е вознемирен од воениот дух. Пророштвата од 11. глава на Даниел речиси целосно се исполниле.“ (Welfare Ministry, стр. 136) {МАР 174.3}
„Наскоро ќе избувне борба меѓу народите со таква жестокост каква што сега не можеме ни да замислиме. Живееме во време кога сè што се случува предизвикува огромен интерес. Вниманието на владетелите и државниците, на луѓето што заземаат положби на доверба и авторитет, и на жените и на мажите, е насочено кон настаните што се одигруваат околу нас. Тие ги набљудуваат затегнатите односи меѓу народите, кои предизвикуваат вознемиреност. Ја гледаат напнатоста што зема замав во секој дел од земниот живот и сфаќаат дека треба да се случи нешто големо и решавачко, дека светот е на работ на голема криза. {МАР 174.4}
Бог во Својата милост ни дал време на одложување. Секоја сила што небото ни ја позајмило сега треба да се употреби во работа за оние што гинат во незнаење. Не смее да има одложување. Вистината мора да се објави во оние места на земјата што ги покрива мрак. … Треба да се изврши големо дело, а тоа им е доверено на оние што ја познаваат вистината за ова време.“ (Review and Herald, 17 ноември 1910) {МАР 174.5}
„Во последните сцени од историјата на оваа земја ќе беснее војна. Ќе има епидемии, помор и глад. Водите од длабочините ќе ги прелеваат своите граници. Имотот и животите ќе бидат уништени со оган и вода. Треба да се подготвуваме за живеалиштата што Христос отиде да им ги подготви на оние што Го љубат. Таму има одмор од земните судири.“ (Review and Herald, 19 октомври 1897) {МАР 174.6}
