27 мај — Сè проверувајте

Мараната — Господ доаѓа
Сè проверувајте
27 мај
„Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а одвнатре се волци грабливи.“ (Матеј 7:15) {МАР 155.1}
„Во делото на кое Божјото провидение нè повика мојот сопруг и мене, уште од самиот почеток во 1843 и 1844 година, Господ размислуваше и планираше за нас и ги извршуваше Своите намери преку Своите живи орудија. Често ни беа покажувани погрешните патеки, а вистинските и сигурни патеки беа јасно определени во секој потфат поврзан со делото што ни беше доверено, па со сигурност можам да кажам дека не сум во незнаење за орудијата на сатаната, ниту за Божјите патишта и дела. Моравме да ги напрегнеме сите сили на својот ум, потпирајќи се на Божјата мудрост да нè води во нашите истражувања, бидејќи моравме да ги разгледуваме различните теории што ни го привлекуваа вниманието, мерејќи ги нивните добри и лоши страни во светлината што зрачи од Божјата Реч и сведоштвата, за да не бидеме измамени или да не ги измамиме другите. Својата волја и својот животен пат Му ги предадовме на Бога и најискрено се молиме за Неговата помош, која никогаш не ја бараме напразно. Многуте години болно искуство во работата за Бога ме запознаа со сите видови лажни движења. Многупати бев испратена на различни места со пораката: ’Имам работа за тебе на тоа место; Јас ќе бидам со тебе.‘ Кога ќе дојдеше времето, Господ ми даваше порака за оние што имаа лажни соништа и виденија, а јас во Христовата сила го изнесував своето сведоштво на Господовиот повик. … {МАР 155.2}
Во изминатите четириесет и пет години морав да се среќавам со луѓе што тврдеа дека добиле од Бога предупредувачки пораки за другите. Овој облик на верски фанатизам се ширеше уште од 1844 година. Сатаната работеше на многу начини за да ги утврди погрешните учења. Некои нешта изнесени во овие виденија се исполнија, но многу од она што се однесуваше на времето на Христовото доаѓање, на крајот на времето на проверката и на настаните што требаше да се случат, се докажа како целосно лажно. … {МАР 155.3}
’Пазете како слушате‘ (Лука 8:18) е Христовото предупредување. … Внимателно испитувајте, ’Сѐ испитувајте‘ (1 Солунјаните 5:21). … Ова е Божјиот совет; дали ќе го послушаме?“ (Selected Messages, книга 2, стр. 75–79) {МАР 155.4}
