26 мај — Фанатизам и зборување на јазици

Мараната — Господ доаѓа

Фанатизам и зборување на јазици

26 мај

„И пророчките духови им се покоруваат на пророците; зашто Бог не е Бог на безредие, туку на мирот. Како што е по сите цркви меѓу светиите,“ (1 Коринтјаните 14:32,33) {МАР 154.1}

„Одреден број на верници на Истокот е заразен со духот на фанатизмот. Од Изворот на вистината тие добиле само по некоја голтка и многу малку знаат за пораката на Третиот ангел. За таквите не може ништо да се направи сѐ додека не се ослободат од своите фанатички гледишта. … {МАР 154.2}

Поединци од тоа движење имаат наводно и некои дарови добиени од Бог. Тие испуштаат некои неартикулирани гласови што ги нарекуваат странски јазици, а кои се потполно неразбирливи не само за луѓето, туку и за Господ и целото небо. Овие дарови ги измислуваат мажите и жените потпомогнати од големиот измамник. Фанатизмот, лажното возбудување, неразбирливите јазици и дигањето врева, тие ги сметаат за дарови што Бог ги дал во Својата црква. На тој начин уште некои се вовлечени во таа заблуда, и плодовите од сето тоа се многу зли. … {МАР 154.3}

Има многу немирни духови кои не се подготвени да се потчинат на дисциплината и не прифаќаат никаков систем и поредок. Тие сметаат дека да се подреди сопственото сфаќање на расудувањето на поискусните значи ограничување на личната слобода. Божјото дело нема да напредува сѐ додека сите не покажат подготвеност да се потчинат на редот и поредокот, а неодговорниот и нескротлив дух на фанатизмот не биде протеран од нашите богослуженија. Површните впечатоци и чувства не се сигурен доказ дека некои личности се водени од Бог. Слични впечатоци и чувства, ако во тоа не го спречиме, може да предизвика и сатаната. Затоа не можеме со сигурност да се потпреме на емоциите. Сите треба со внимателно проучување добро да се запознаат со доказите на нашата вера, за своето исповедање да можат да го украсат со донесување соодветни плодови на слава на Бога. …

Треба да се отфрли ситничарењето, несериозноста и немарноста. Не е никаков знак дека Божјата благодат го трогнала срцето на некоја личност, што на собирите зборува така талентирано и толку убаво се моли, кога штом ќе го напушти богослужението се однесува грубо и немарно. … {МАР 154.4}

Божјата вистина никогаш не понижува, туку напротив, го воздигнува оној што ја прима, го облагородува неговиот вкус, го посветува неговото расудување и го усовршува за друштво со светите и чисти ангели во Божјото царство.“ (Сведоштва за црквата, том 1, стр. 411–415) {МАР 154.5}