25 мај — Ниско ниво на моралот

Мараната — Господ доаѓа
Ниско ниво на моралот
25 мај
„А блудство и секаква нечистота или, пак, користољубивост воопшто да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светии,“ (Ефесјаните 5:3) {МАР 153.1}
„Она што денес загрижува е вулгарноста во разговорите, а тоа покажува ниско ниво на размислувањето и моралот. Многу ретко може да се најде вистинско достоинство на карактерот, како и вистинска скромност и воздржаност. Малкумина се чисти и неизвалкани. … Нечистите мисли што се негуваат стануваат навика, па душата е посрамотена и осквернета. Кога еднаш ќе се направи грев, таа дамка ништо не може да ја избрише освен Христовата крв. Ако навиката не се совлада со цврста одлука, душата останува расипана и од тој нечист извор течат потоци што ги расипуваат и другите. {МАР 153.2} {МАР 153.3}
Има мажи и жени што ги повикуваат искушенијата; се изложуваат на места каде што ќе бидат искушувани, каде што не можат да избегнат искушение додека се во лошо друштво. Најдобриот начин да се држат подалеку од гревот е претпазливо да одат во вистинската насока во секое време и во сите околности, и никогаш да не постапуваат според моментните чувства. Одете во Божји страв и ќе бидете сигурни дека постапувате правилно.“ (In Heavenly Places, стр. 197) {МАР 153.4}
„Секој ден се зголемуваат моралните опасности на кои се изложени и старите и младите. Моралната растроеност, која ја нарекуваме порочност, наоѓа доволно простор за своето дејствување, а влијанието на мажите, жените и младите што се претставуваат како христијани е ниско, телесно и ѓаволско. … {МАР 153.5}
Оние што ја запознале вистината, а не вршат дела во согласност со своето исповедање на верата, се подложни на сатанските искушенија. На секој чекор се среќаваат со опасности. Доаѓаат во допир со злото, гледаат глетки и слушаат звуци што ќе ги разбудат нивните нескротени страсти. Подложни се на влијанија што ги наведуваат да го изберат злото наместо доброто, зашто срцата не им се исправни. … {МАР 153.6}
Ништо не ни е толку потребно како подготвувањето на младите мажи и жени да бидат морално чесни и да ги исчистат своите души од секоја дамка, нечистотија и морална осквернетост.“ (In Heavenly Places, стр. 196) {МАР 153.7}
