11 мај — Младоста и зависноста

Мараната — Господ доаѓа

Младоста и зависноста

11 мај

„Весели се во младоста своја, момче, и срцето твое да вкусува радост во дните на твојата младост; и оди каде што срцето те влече и каде што очите ти гледаат; само знај дека за сето тоа Бог ќе те изведе на суд.“ (Проповедник 11:9) {МАР 139.1}

„Сатаната бил првиот бунтовник на небото и откако бил исфрлен оттаму, настојува секој припадник на човечкото семејство да го направи отпадник од Бога, каков што е и самиот. Тој ги спроведува своите планови против паднатиот човек и преку попуштањето на апетитот, кое е спротивно на Божјиот закон, го наведува да ја прекрши божествената заповед. Ги навел Адам и Ева да го наберат забранетиот плод и така успеал да го предизвика нивниот пад и протерување од Едем. Колкумина велат: ’Да бев јас на Адамовото место, никогаш не би згрешил во толку едноставно искушение.‘ Но вие што така се фалите имате можност да ја покажете силата на својата волја и верноста кон начелата кога ќе бидете испитани. … Дали Бог навистина не гледа грев во вашиот живот? … {МАР 139.2}

На сите страни сатаната се обидува да ги наведе младите на патеката на која ќе се изгубат. Ако еднаш успее да ги наведе на неа, ги брза да се стрмоглават, водејќи ги од еден во друг раскалашен начин на живот, сè додека неговите жртви не ја загубат чувствителноста на совеста и стравопочитта кон Бога. Сè помалку и помалку се воздржуваат. Стануваат зависни од вино, алкохол, тутун и опиум и така паѓаат сè подлабоко. Тие се робови на апетитот. Советите што некогаш ги почитувале почнале да ги презираат. Се однесуваат надмено и се фалат со слободата, додека всушност се робови на расипаноста. Под слобода го подразбираат тоа што се робови на себичноста, изопачениот апетит и разузданоста. … {МАР 139.3}

Сатаната наумил да го потчини човечкиот род како свои поданици, но Христос платил бескрајна цена за човекот да може да биде спасен од непријателот и Божјиот морален лик повторно да се обнови во паднатиот човечки род. … Паднатите луѓе можат преку Христос да најдат пристап до Отецот и да добијат благодат што ќе ги оспособи да победат преку заслугите на распнатиот и воскреснат Спасител.“ (Temperance, стр. 273, 274) {МАР 139.4}