12 мај — Надворешниот сјај на незнабожечката сила

Мараната — Господ доаѓа
Надворешниот сјај на незнабожечката сила
12 мај
„Зашто ќе дојде време кога луѓето нема да го слушаат здравото учење, но, водени по своите похоти, ќе си изберат учители да им го залажат слухот;“ (2 Тимотеј 4:3) {МАР 140.1}
„Луѓето брзо се редат под знамето што го избрале, неспокојно чекајќи и следејќи го движењето на своите водачи. Има и такви што бдеат, чекаат и работат за доаѓањето на нашиот Господ, додека другата страна со голема брзина влегува во редовите под заповедништвото на првиот голем отпадник. Тие го бараат Бога во човечката природа, а сатаната го имитира оној кого го бараат. Мноштвото ќе биде толку заведено поради своето отфрлање на вистината, што ќе ја прифати измамата. Човечката природа се смета за Бог.“ (The Faith I Live By, стр. 322) {МАР 140.2}
„Како што се приближуваме кон крајот на времето, надворешниот сјај на незнабожечката сила ќе станува сè поголем. Незнабожечките божества ќе ја покажуваат својата моќ и ќе се појавуваат пред градовите на овој свет, а тоа веќе почнало да се исполнува. Преку различни сцени Господ Исус му ги прикажал на Јован грешниот карактер и привлечните влијанија на оние што се истакнувале како прогонувачи на Божјиот народ. На сите им е потребна мудрост внимателно да ја истражуваат тајната на расипаноста, која има толку значајна улога во завршувањето на земната историја. …
Токму во ова време во кое живееме Господ го повикал Својот народ и му дал порака што треба да ја носи. Го повикал да укаже на безбожноста на човекот на беззаконието, кој на неделниот закон му дава посебна сила и помислува да ги промени празниците и Законот, и да му се спротивстави на Божјиот народ, кој стои цврсто, прославувајќи Го Бога со држењето на единствената вистинска сабота, саботата на создавањето. … {МАР 140.3}
Опасностите на последните денови се надвиснуваат над нас и наша задача е да ги предупредиме луѓето за опасноста во која се наоѓаат. Да не дозволиме свечените сцени што ги откриле пророштвата да останат незабележани. Кога нашиот народ би бил барем наполу буден, кога би ја сфатил близината на настаните опишани во Откровението, би настапила обнова во нашите цркви и многу повеќемина би поверувале во пораката. Немаме време за губење. Бог нè повикува да бдееме над душите на луѓето, зашто ќе треба да положиме сметка.“ (Testimonies to Ministers and Gospel Workers, стр. 117, 118) {МАР 140.4}
