5 мај — Лажни теории за Бога

Мараната — Господ доаѓа

Лажни теории за Бога

5 мај

„Зашто, кога Го познаа Бога, тие не Го прославија како Бог, ниту пак, Му благодарија, туку се заблудија во своите помисли, и нивното неразумно срце им се помрачи;“ (Римјаните 1:21) {МАР 133.1}

„Теоријата дека Бог е суштина што ја проникнува сета природа е една од најлукавите сатански измами. Таа лажно Го претставува Бога и ги обесчестува Неговата сила и величество. {МАР 133.2}

Божјата Реч не ги поддржува пантеистичките теории. Светлината на Неговата вистина открива дека тие се погубни за човечката душа. Темнината е нивниот составен елемент, а развратот нивното подрачје на дејствување. Тие му угодуваат на телесното срце и ги одобруваат неговите склоности. Последицата од прифаќањето на овие теории е одвојување од Бога. … {МАР 133.3}

Постои само една сила, која може да ја скрши власта на злото во срцето на луѓето, а тоа е силата на Бога во Исуса Христа. Само во крвта на Распнатиот има очистување од гревот. Само Неговата милост може да нè оспособи да им се спротивставиме и да ги потчиниме склоностите на нашата падната природа. Спиритистичките теории во врска со Бога го уништуваат дејството на Неговата милост. Кога Бог би бил суштина проткаена во природата, тогаш Тој би престојувал во сите луѓе; и за да постигне светост, човекот би требало само да ги развива силите што се во него. {МАР 133.4}

Овие теории, проследени со своите логични заклучоци, ја бришат целата христијанска наука. Тие ја исклучуваат неопходноста од помирување и прават од човекот свој спасител. Овие теории за Бога ја поништуваат Божјата Реч и оние, кои ги прифаќаат, се во голема опасност на крајот да бидат заведени да гледаат на целата Библија како на измислица. Тие можеби ќе сметаат дека доблеста е подобра од порокот; но, со тоа што Го отстраниле Бога од сувереното место што Му припаѓа, тие ги полагаат своите надежи во човечка сила, која без Бога е безвредна. Непотпомогната, човечката волја нема вистинска сила да му се спротивстави и да го победи злото. Одбраната на душата е скршена. Човекот нема ограда против злото. Кога еднаш ќе ги отфрлиме ограничувањата на Божјата Реч и Неговиот Дух, не знаеме колку длабоко можеме да потонеме. {МАР 133.5}

Оние што и понатаму ќе се држат до овие спиритистички теории сигурно ќе го уништат своето христијанско искуство, ќе ја прекинат врската со Бога и ќе го загубат вечниот живот.“ (Evangelism, стр. 601, 602) {МАР 133.6}