6 мај — Опасноста од лажното учење

Мараната — Господ доаѓа

Опасноста од лажното учење

6 мај

„О Тимотеје, пази го она што ти е предадено и бегај од нечисти и празни разговори и од расправии на лажната наука,“ (1 Тимотеј 6:20) {МАР 134.1}

„Во Њу Хемпшир некои активно ширеа лажни претстави за Бога. Добив светлина дека овие луѓе, користејќи ги своите идеи, од кои некои водеа кон застапување на теоријата за ’слободна љубов‘, направиле вистината да ја загуби сета сила. Ми беше покажано дека овие луѓе ги заведуваат душите, изнесувајќи шпекулативни теории за Бога. … {МАР 134.2}

Меѓу другите свои сфаќања, тврдеа дека оние што еднаш се посветени повеќе не можат да грешат; тоа го изнесуваа како евангелска храна. Нивните лажни теории, со сета тежина на своето измамничко влијание, им нанесуваа голема штета и ним самите и на другите. Тие стекнуваа спиритистичка моќ над оние што не можеа да ја забележат злокобната природа на овие убаво облечени теории. Поради тоа настанаа страшни зла. Учењето дека сите луѓе се свети доведе до верување дека чувствата на посветените никогаш не се во опасност да тргнат по погрешен пат. Последицата на ова верување беше исполнување на злите желби на срцата кои, иако наводно посветени, беа далеку од чистотата на мислите и животот. {МАР 134.3}

Ова е само еден од примерите кога бев повикана да ги укорувам оние што го изнесуваа учењето за безличен бог што се наоѓа во природата, како и учењето за свето тело. {МАР 134.4}

Во иднина човечките правила и учења ќе ја имитираат вистината. Лажните теории ќе бидат претставувани како сигурни учења. Лажното учење е едно од средствата со кои сатаната се служел во небесните дворови, а со кое се служи и денес. … {МАР 134.5}

Ги преколнувам оние што работат за Бога да не ја прифаќаат лагата како вистина. Целата Библија е полна со најдрагоцена вистина. Не ни се потребни никакви претпоставки ниту лажна возбуда. Во златната кадилница на вистината што ни е прикажана во Христовото учење го имаме она што ќе ги увери и обрати душите. Со Христова едноставност изнесувајте ги вистините што Тој дошол да му ги објави на овој свет; силата на вашата порака сама ќе го најде патот до срцето. Не проповедајте теории или мерила што немаат поткрепа во Библијата.“ (Evangelism, стр. 600, 601) {МАР 134.6}