4 мај — Извртување на Светото писмо

Мараната — Господ доаѓа

Извртување на Светото писмо

4 мај

„Како што зборува за тоа и во сите свои посланија, во кои има некои работи тешки за разбирање, што неучените и неутврдените ги изопачуваат, како и другите Писма, за своја погибел.“ (2 Петрово 3:16) {МАР 132.1}

„Тврдењето дека не е важно во што веруваат луѓето е една од најуспешните измами на сатаната. Тој знае дека вистината, ако е прифатена со љубов, ја посветува душата на оној што ја прифаќа; затоа секогаш се обидува вистината да ја замени со лажни теории, со прикаски – со друго евангелие. … {МАР 132.2}

Нејасните и чудни толкувања на Светото писмо, како и многуте противречни теории за библиската вера што постојат во христијанскиот свет, се дело на нашиот голем непријател кој сака со тоа душите да ги збуни за да не можат да ја распознаат вистината. Неслогата и раздорот што постојат во христијанските цркви треба во голема мера да му се припишат на обичајот на извртување на Светото писмо за да се поддржи некоја омилена теорија. Наместо Божјото слово да го проучуваат грижливо и со понизно срце за да ја запознаат Божјата волја, мнозина го истражуваат само затоа за во него да откријат нешто необично и оригинално. {МАР 132.3}

За да ги поддржат лажните учења или нехристијанските практики, некои земаат одделни текстови од Писмото и ги вадат од контекст и наведуваат само половина од стихот за да го докажат своето тврдење, иако другиот дел на стихот има сосема спротивно значење. Со змиско лукавство, се вгнездиле зад неповрзани изрази, така исконструирани за да одговараат на нивните телесни желби. Така мнозина свесно го извртуваат Божјото слово. Други, кои имаат бујна мечта, земаат слики и симболи од Светото писмо и ги толкуваат како што тоа ѝ одговара на нивната фантазија, не осврнувајќи се на Божјото слово кое се толкува самото себеси, и потоа своите неправилни толкувања ги изнесуваат како учење на Библијата. {МАР 132.4}

Секогаш кога Светото писмо се проучува без молитва и без кроток и понизен дух, ќе се изврти вистинската смисла како на оние наједноставни и најјасни места, така и на оние најтешките. …

Божјото слово е јасно за сите што го проучуваат со искрена молитва. Секоја искрена душа ќе ја прими светлината на вистината. ’Светлина засветли над праведниот‘ (Псалм 97:11). И ниедна црква не може да напредува во светоста ако нејзините верници не ја бараат вистината како скриено богатство.“ (Големата борба, стр. 520–522) {МАР 132.5}