1 мај — Бог ќе го води Својот народ

Мараната — Господ доаѓа

Бог ќе го води Својот народ

1 мај

„Преку води ли ќе минуваш – Јас сум со тебе; преку реки ли – тие нема да те потопат; ако тргнеш преку оган, нема да се изгориш, и пламенот нема да те обгори.“ (Исаија 43:2) {МАР 129.1}

„Бог има црква на земјата, Свој избран народ што ги пази Неговите заповеди. Тој не води некакви случајни издвоени групи, еден тука, друг таму, туку народ. {МАР 129.2}

Нема потреба од сомневање, од страв дека делото нема да успее. Бог стои на чело на ова дело и Тој ќе доведе сè во ред. Ако биде потребно да се доведат работите во ред кај оние што се на чело на ова дело, Бог ќе се погрижи за тоа и ќе направи да се исправи сè што е погрешно. Да имаме вера дека Бог ќе управува со бродот што сигурно го носи Неговиот народ кон пристаништето. {МАР 129.3}

Кога патував од Портланд, во државата Мејн, кон Бостон пред многу години, нè затекна бура и големите бранови нè фрлаа наваму-натаму. Лустерите паднаа, а куферите се тркалаа од едната страна на другата како топки. Патниците беа преплашени и мнозина врескаа очекувајќи ја смртта. {МАР 129.4}

По извесно време на палубата дојде кормиларот. Кога го презеде кормилото, капетанот застана покрај него и изрази загриженост за правецот на бродот. ’Сакате ли вие да го преземете кормилото?‘ праша кормиларот. Капетанот не беше подготвен за тоа, зашто знаеше дека му недостига искуство.

Потоа исплашено станаа некои од патниците, велејќи дека се плашат кормиларот да не ги насочи кон карпите. ’Сакате ли можеби вие да го преземете кормилото?‘ праша кормиларот, но тие знаеја дека не можат да управуваат со него. {МАР 129.5}

Кога мислите дека делото е во опасност, молете се: ’Господе, застани на кормилото. Води нè низ неволјите. Доведи нè сигурно во пристаништето.‘ Зар немаме причина да веруваме дека Господ победоносно ќе нè проведе низ нив? … {МАР 129.6}

Со својот ограничен ум не можете да ги сфатите сите дела на Божјото провидение. Да Му дозволиме на Господа Тој да се грижи за Своето дело.“ (The Faith I Live By, стр. 282) {МАР 129.7}